Семејна фирма од 24 плати

Лозиго

Фирмата е бренд, која ги почитува муштериите со квалитет, цени и брзина

Рецептот е во напорната чесна и домаќинска работа

Лозиго е фирмата со 21 годишна традиција кај копирањето хартии и изработката на колор и сите други фотографии. Дејноста е дополнета со игротека, сместена во новата стаклена зграда спроти поштата. Нова понуда е машината за печатење на текстил, на маици, дресови, приврзоци, печатење на керамика, на стакло… Инсталирале и техника за претворање во колор на стари црнобели фотографии од пред 20, 30, 50, па и повеќе години. Тројцата браќа Лорин и близнаците Зоран и Горан Дамкоски пред повеќе од две децении ја формирале фирмата од првите слогови на имињата со 24 плати од татко им, кој излегол пред пропаѓањето на Црн бор. Со напорна работа, со чесен и домаќински ангажман, посветеност и љубов, со жртви и без слободен викенд, Лозиго прерасна во респектабилна фирма со седум вработени, препознатлива не само во градов. Барани се, оти се синоним за квалитет, брзина и ниски цени. Конците не ги испуштаат родителите Лилјана и Борис, кои ги ставиле темелот и уште ја држат организацијата на семејниот бизнис. Ги вклучиле и сопругите, кои помагаат. На почетокот купиле машина за копирање хартија и ја инсталирале во еден од дуќаните во пазарот. Сметале и не погрешиле, иако мајка им била скептик, дека е перпсктивен бизнис. Денес во двата дуќани не се откажуваат од копирањето, каде ги извадиле првите пари и од каде се одржуваат семејствата. Идејата беше на татко ми. Имаше една фотокопирница. Се чекаше ред за копирање документи. Нему му текна да фотокопираме. Вложивме 4500 марки или сите 24 плати. Работата тргна со еден копир и 24 часа работа. Затворавме на вечер, оти не се стасуваше, и тоа мошне профитабилно – кажува Зоран за првите чекори. Со годините тројцата браќа почувствувале дека е време да го прошират бизнисот во доменот на фотографиите. Сите бевме мераклии за фотографии, но Горан посебно. Набавивме француска машина за колор фотографии. Не беше автоматска и тешко оддеше. Се развиваа филмови, па слики… Комлицирано. Со време купивме модерна опрема и јапонска дигитална машина Фуџи од Загреб. Полесно, поквалитетно и побрзо се работеа фотографиите. Со преземањето на фотографиите за лични документи на институциите, опаднат е обемот. Постепено се враќаат фотките, затоа што ЦД, УСБ и екранот на компјутерот не е исто со фотографијата в рака. Друго е да се отвори албум и да се однесе било каде, а друго е да се “виси” над компјутер. Фотографијата ги овековечува спомените – објаснува Зоран. Вистинскиот рецепт за успех сепак е човекот. Според него, браќата имале сенс за муштериите. И дарба, и фантазија за фотографирање, зашто занаетот не се учи, туку е потребен афинитет и “кликер”. Први дававме бесплатен филм за еден развиен. Тоа беше бум, предност, која “запали”. Пресудно што брзо се качувавме нагоре. Мислам дека Лозиго сега е бренд – оценува Горан Дамкоски. Браќата се носат со идеја да отворат фамилијарно фото студио за семејни фотографии. Семејствата заеднички би правеле фото сесии за оставање на трага за идните генерации. Техниката би била исклучиво дигитална со висок квалитет, без ограничување на димензиите и форматите. Тоа е следната фаза за развој на Лозиго, која ја нема досега во градов, а на Запад е доста раширена и популарна. И третата генерација Дамкоски е мераклија за фотографија. Очекуваат да ги наследат. Децата ги воспитуваат, оти гледаат перспектива. Син ми го бараат учителките. И на децата од браќа ми, им лежат фотографиите. Сакаат да ги забележат моментите, им претставува задоволство да “чкрапаат” и да ги чуваат фотографите – вели Зоран, еден од браќата на семејството Дамкоски.

Донации

Тројцата браќа се хумани. Не се истакнуваат, но имаат срце да донираат, дали тоа ќе биде печатач, дали ТВ или ДВД во болници, училишта и други институции. Не одбиваат, даруваат на луѓе со мака и кои се нашле во здравствени неволји.

Loading