Ласт минит за припитомување на дивоградбите

Се очекуваат околу 13 илјади барања

Утре е крајниот рок граѓаните да поднесат барање за легализација на бесправно изградените објекти. Службите на општината ќе работат утре до 24 часот да ги примат сите барања. Надлежните очекуваат околу 13 илјади барања за легализирање на станбени, колективни, индустриски, стопански, деловни, помошни простории, гаражи и други објекти. Околу 12 илјади граѓани поднесле барање за озаконување на дивоградбите. Досега решени се 400 барања и подготвени се за добивање на имотен лист. Се процесуираат над 700 барања дневно. Надоместот за утврдување на правниот статус на дивите објекти е едно евро внатрешна површина, за колективни станбени објекти од 15 до 30 евра, во зависност од зоната, за деловните објекти од 30 до 45 евра во зависност од зоната и за индустриските и стопански објекти е две евра. Надоместоците се согласно Законот за комунални такси и Програмата за комунално уредување на Општина Прилеп за 2011 година – информира локалната самоуправа. Локалните власти се задоволни од одзивот. Последниве денови омасовија барањата на жителите на селата. Општината организираше кампања “од врата на врата”. Шеесетина волонтери одеа од куќа до куќа и на граѓаните, посебно беспомошните им помогаа побрзо да достават барање за легализација.

Процедура

Процесот на легализација ќе тече шест години. До трети септември се евидентира барање, а конечното добивање на решението за правниот статус не е брзо и едноставно.

Процедурата тече во следните етапи:

– Евиденција на барањата со платена сметка за струја или вода од пред 3 март 2011 година и копија од лична карта и пополнување на барање со податоци за објектот, за кој бара легализација

– Проверка на комплетноста на барањата

– Комисиски увид на лице место со записник и фотографирање на објектите

– Проверка на сопственоста на објектот и земјиштето согласно имотниот лист од имотно – правен аспект

– Проверка на поставеноста на објектот во урбанистичката документација

– Доколку е сé во ред, барателот ја уплаќа потребната сума за легализација на објектот и добива решение за утврдување на правен статус

– По правосилноста, решението се носи во Државниот катастар каде бесправниот објект се внесува во имотен лист и добива лигитимност.

НАДОМЕСТ ЗА УТВРДУВАЊЕ НА ПРАВЕН СТАТУС

– За станбени и помошни објекти 1 евро внатрешна површина согласно катастарскиот елаборат

– За колективни станбени објекти од 15 до 30 евра во зависност од зоната

– За деловни објекти од 30 до 45 евра во зависност од зоната

– За индустриски и стопански објекти – 2 евра

Надоместоците се согласно Законот за комунални такси и Програмата за комунално уредување на Општина Прилеп за 2011 година.

Посебен третман за Мариово

Градоначалникот Марјан Ристески ги повика граѓаните да ја искористат историската шанса за легализација. Ќе побара од општинскиот совет да донесе одлука, жителите од Мариово да бидат ослободени од плаќање надомест за легализирање на автентичните, стари градби.

ПРЕДНОСТ ЗА ФИРМИТЕ

Бизнис – секторот со дивоизградени погони, магацински простори, дуќани и друго ќе имаат приоритет при обработката на документацијата, бидејќи озаконувањето е поврзано со хипотеки и кредити за развој на бизнисите. Во градов има значителен број диви стопански објекти, установи и институции. Две – три фирми веќе ги легализираа објектите.

Loading