ДОМАШЕН ПРОВЕРЕН ВКУС НА ЧАДЕНИ КОЛБАСИ

Супер Сумес

Рецептот на подготовка користен и тестиран 20 години, а ортаците се носат со идеја да произведуваат паштети

Меѓу еснафот на неколкуте месни преработувачи се приклучува веќе две години фирмата Супер сумес на партнерите Бошко Талески и Миле Даскалоски. Новиот производствен погон по хасап стандардот, од влезот, замирисува на сувомесни производи и го предизвикува апетитот. Ретко кој би одолеал на примамливата арома и би ја одржал диетата. На ортаците, ориентација им е производството на неколку видови колбаси и чадени меса како што се свинска ролувана сланина и врат. Откако ги освоија вкусовите на прилепските пребирливи гурмани, тргнаа да бидат гости со шунки и колбаси на трпезите во Битола, а потоа и во Охрид. Убедени се дека ги погодуваат мераклиите за добра храна со вкусот на сувомесните производи. Тука не им застануваат амбициите. Се носат со идеја да ја збогатат палетата со конзервирано месо и да произведуваат паштети. Талески кажува дека производството било продолжение на касапскиот занает. И како касап произведував чадени колбаси, кои, поради проверениот и прифатен рецепт, користен веќе 20 години, добро се наметнаа на пазарот и станаа привлечни за секоја софра. Со ортакот одлучивме посериозно да се зафатиме, да вложиме во објект, технологија со сите нишани, по хасап стандардот. Позитивно е засега искуството. Расте производството и пласманот и сé повеќе сме барани. Освојуваме и надвор. Вакумирани колбаси пласираме во Скопје, Охрид, Струга, Битола. Нудиме прилепски домашни колбаси, со сецкано месо, тенки, народни, новосадски колбас… Не се жалиме, добро оди бизнисот, задоволни сме. Имаме свое парче на пазарот, оти беа прочуени како “од Бошко колбасите” – објаснува Талески. За фирмата Супер сумес, во адаптираните простории на старата млекарница, муштериите веќе имаат претстава за препознатливиот вкус. Откако ќе го поставиме бизнисот на здрави нозе, се определуваме да се насочиме кон паштети и конзервирано месо. Оценуваме дека тој дел од месните преработки е недоволно застапен на пазарот. Во меѓувреме, располагаме со технички и други услови да пуштиме во промет и подготвен амур, мешавина од мелено свинско и јунешко месо во кебапи и плескавици за на скара – вели Бошко, не соопштувајќи го рецептот, туку во мајтап вели дека е според бабиниот запис за домашни прилепски колбаси. Посакуваат да бидат кредитирани, ама влоговите им се големи досега. Не се мали инвестициите во објектот, технологијата и возилата. Работат на закрепнување. Велат дека кредитите се скапи. Затоа се воздржуваат од нагло ново вложување. Освен ако не дувнат нови поволни ветрови во кредитната и каматната политика на банките. Оптимисти се дека ќе се подобрат условите во земјава и ќе се стабилизира економијата да се тргни во постепен подем на сите нивоа, од стандардот на граѓаните до бизнисот.

Името по имињата на сопругите

Фирмата е крстена по имињата на сопругите на ортаците. И сопругата на Бошко и на Миле се вика Сузана. Затоа сега фирмата е крстена Супер сумес.

Loading