Ставревски постизборно со бизнис – секторот
Пренамена на бесцаринската зона кај Алинци во индустриска зона за домашни инвеститори
Вицепремиерот Зоран Ставрески побара од прилепските бизнисмени да се изјаснат за нови инвестиции, а не да бараат само помош од Владата и ништо да не преземаат за развојот. Веднаш по парламентарните избори, Ставревски најави проактивна политика со бизнис-секторот. Вториот човек во Владата засилен со министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и со градоначалникот Марјан Ристески, итно тргнаа во реализација на економската програма, чиј приоритет се домашните и странските инвестиции. На средбата, организирана од Регионалната комора, бизнис – секторот најави изградба на нова фабрика за флексибилни црева на Џорџ Атанасоски, капацитет за преработка на оникс и травертин од Васидора, угостителски објект под Марковите кули на Македонска куќа, неколку производствени хали во текстилната индустрија, проширување на капацитетите на Витаминка и Прилепската пиварница, како и многу други помали капацитети од страна на малите бизниси. Ставрески и Јанакиески ги потенцираа стратешките приоритети за регионот, предложени од Регионалната комора, како што се изградбата на експресниот пат со трета лента од клучката кај Градско со заобиколница кај Фаришката клисура, изградба на хидроцентралите Чебрен и Галиште, изградба на гасоводна мрежа преку Неготино до Прилеп и Битола, пренамена на бесцаринската зона во Алинци во индустриска зона за домашните инвеститори, изградба на инфраструктура за малите и средните претпријатија, со посебен приоритет на индустриската зона во Металец, интензивна градба на колективни и индивидуални објекти преку проектот “купи куќа – купи стан”. За заштитата на домашното производство и односите со царината, договорена е нова средба со директорот на Царинската управа Ванчо Каргов.