ПЕЛИСТЕРСКА КЛИМА СО КЛИМАМОНТ

Со 21 година традиција, фирмата е респектабилна во доменот на климатизацијата

Климамонт на Славе Глигороски е меѓу првите приватни македонски фирми насочена во доменот на климатизацијата – греење, ладење и вентилација. И на сопственикот му е мачно да се потсети и да “изброи” колку системи за греење, за ладење или за вентилација ујдисал. “Пелистерски воздух дува” во стопанските и угостителски објекти. И малкумина граѓани, при градбата на сопствените домови, посакале “хавајска клима”, па го побарале Климамонт да ги замеша прстите. Затоа Климамонт е респектабилна фирма која останува да е “прва” кај климатизацијата, “осовременета” веќе десет години со производство и монтажа на алуминиумски и ПВЦ врати и прозорци. Преокупација се германските профили Шуко и Холзман. Климамонт не е непознат и во продукцијата на инокс опрема за големи кујни за ресторани, хотели и за прехранбени капацитети. И денес, 21 година подоцна од првиот проект на фирмата, стотици простори зад себе со воздух, небаре во планина или со соодветна температура. Глигороски останува да биде искусниот советник во фирмата, која веќе ја менаџираат ќерката Анета и зетот Роберт Здравески.

Сефте со отпори

Почетокот бил типично македонски, “од револт”. Климамонт го кршел мразот во судир со многу бариери и отпори. И граѓаните, и државните фирми, не биле воодушевени од приватната иницијатива и конкуренција. Сепак, умешноста, стекната во Димче Бањарот, придонесла постепено да киниса бизнисот. И според народната “арната стока, сама се продава”, брзо ја стекнале довербата, поради стручноста и техничката опременост. Така презеле инсталација на климатизациони системи во многу фабрики од текстилната и прехранбената индустрија… Глигороски вели дека успеал да одолее на сите ветришта. Го поставил бизнисот на здрави нозе заедно со неколку фирми со кои работеле заеднички. Станува збор за фирми, кадровски, интелектуално и технички способни, моќни да настапат во поголеми зафати во занаетчиските работи, во електро инсталациите, парното греење и водоводните и канализационите мрежи. Го мачи тоа што државата уште замижува во почитувањето на законот за поставување на соодветни инсталации и обезбедување поволни услови за работа. Не се почитува законската регулатива. Компаниите сé уште не се финансиски моќни да инсталираат климатизација, иако им се познати предимствата. Важно е државата посериозно да го имплементира законот. Бараме локација за градба на објект, но високи се комуналните давачки – приклучок на струја, вода… Бизнис атмосферата е мрдната на поарно. Еве, добро е што се овозможи откупот на државното земјиште – внимателен е Глигоровски. Како и да е, Климамонт останува на стопанското небо, воден од млади луѓе, со сериозен ангажман на задржување на бизнис позициите, но и во насока на освојување на нови делови од пазарот.

Заспа ХАСАП

Со ХАСАП стандардите Климамонт очекуваше просперитет. Набавена е опрема за производство на инокс опрема за угостителски објекти и за опрема каде се произведува храна месо и слично. Се засили имплементацијата на ХАСАП. На почетокот беа строги контролите. И толку. Кој плати – плати, кој сработи – сработи. Сега никој ниту плаќа, ни работи, оти државата е толерантна, поради неиздржливиот финансиски трошок – објаснува Глигороски.

Климамонт – рекооператор

Новите системи за ладење и греење штедат многу енергија. Се исплатуваат на долг рок. Климамонт инсталирал систем за искористување на вентилираната топлина. Уредот се вика рекооператор. Системот овозможува топлиот загаден воздух да загрева друг чист воздух, односно двојно искористување на енергијата.

Loading