КТ ДИЈАГНОЗА ЗА 250 ДЕНАРИ

Илија Богатиноски, директор на Општа болница

Помина поголемиот дел од обновата во нервното, дел од интерното и очното одделение

На гинекологија е поставено 4Д ехо апаратот со високи можности, а во функција е и холтер апаратот за срцева акција

Во Болницата веќе е инсталиран дел од големата државна набавка за осовременување на јавното здравство. Паралелно се изведува градежната реконструкција на одделенијата и се ангажирани уште четири, од потребните 27 лекари за докомплетирање на стручниот потнецијал. Директорот Илија Богатиноски најавува уште кадровски, технички и градежни обнови во Болницата. Најголемиот и највредниот апарат, компјутерскиот томограф, кој чини околу 500 илјади евра, ќе го добиеме идната недела и веднаш ќе се пристапи кон монтирање. Завршени се подготвителните работи во просторијата каде ќе се инсталира томографот. На тоа поле кадровски сме добро екипирани. Располагаме со искусни рентгенолози, а еден рентгенолог престојуваше на обука еден месец во болница во Истамбул. Томографот ќе дијагностицира глава, кичма и екстремитети. Цените ке бидат ниски, со син картон и околу 250 денари. На почетокот ќе има навалица, но подготвени сме со 24 часовно екипирање за услужување на пациентите. После првите недели, мислам дека ќе се намали навалата. Установена е праксата за итни, болнички и други случаи. Не би требало да има проблем – објаснува првиот човек на Болницата.

Апарат за испитување на дигестивниот систем

Компјутерската томографија не е терапија, туку дијагностика со која се добива многу на време. Постојат ургентни состојби кои ќе имаат шанса побрзо да бидат третирани со терапија во други болници, кога веќе се дијагностицирани со КТ. Се заштедува време за ургентни случаи, со точна дијагноза и полесни интервенции – вели Богатиноски. Веќе е поставен гастроскопски кабинет. Лекар веќе се обучува. Со апаратите за дијагностицирање се прави увид во желудникот. Тоа е дијагностика за дигестивниот тракт. Се упростува постапката за дијагностицирање, а дава корисни резултати за натамошниот третман, односно терапија. На гинекологија е поставено 4Д ехо апаратот со високи можности. Поставено е и кардиолошкото ехо, кое е повеќе функционално, и ќе послужи да се постави поквалитетна дијагноза. Холтер апаратот за срцева акција веќе е во функција. Тој е дар од германската амбасада. Пациентите ги добиваат резултатите. Функционираат и термокаутерите. Тоа се добри и компатибилни уреди кои помагаат во повеќе домени. Можно е да се прават и поситни операции, без хирургшки зафати. Со дополнителни уреди ќе се овозможи биопсија на желудник. Набавена е делумно опрема за ургентно одделение, а летово и кадровски ќе се обезбеди. Останува одделението да се поврзе со системот на гасови – кажува Богатиноски.

Реконструкција во фази по вертикали

Болницата е “градилиште”. Постепено со реконструираат одделенијата. Помина поголемиот дел од обновата во нервното одделение, дел од интерното и очното. Проектантите предвиделе реконструкцијата да се врши од горе надолу. Се работи и на гинекологија. Дел од обновата продолжува во втората фаза, а некои испуштени реконструкции ќе се внесат во третата фаза. Има најави за реализација на поголем проект, односно градба на уште едно крило кај новото инфективно одделение за преселување на кожниот диспанзер од објектот на старата болница кај брзата помош и АТ диспанзерот, кој сега работи во здравствениот дом. По некои норми треба да се сепарираат нервното и психијатриското одделение – објаснува Богатиноски. Тој кажува дека драстично ќе се промени претставата за болницата, особено за пациентите, но и за лекарите не само со просторните, туку и со техничките обнови. Со тоа ослабува отпорот, појавен кај вработените во почетокот на реконструкциите. Богатиноски признава дека нема доволно кадар, и со визата за ангажирање на четири лекари. Со оспособување на ургентното, ќе се пресели товарот од интерното одделение, затоа што тоа е како приемно. Очекуваме корекција во годинешните проекции со средства и финансиска релаксација, која би требало да продолжи со домаќинско работење, без генерирање на нови долгови – вели Богатиноски. Болницата дава услуги за околу 120 илјади граѓани, не само на Прилеп, туку и за Крушево, Кривогаштани, Долнени и Македонски Брод.

Loading