НЕМА НАПРЕД СО “КУКЛИ МАРИОВСКИ”

Мирко Мирчески, кандидат за пратеник за изборите 1990 г.

Четирите букви ВМРО се свети и пак, ќе побудат емоции кај луѓето кои се неуки во политиката

Црвенковски да се тргне од политичката сцена

Извесно е дека на 5 јуни ќе има предвремени парламентарни избори. Македонија веќе 20 години има искуство во плурализмот. Како еден од кандидатите за пратеник на првите избори во 1990 година, Мирко Мирчески, од редовите на СКМ – Партија за демократска преобразба тврди дека, и тогаш и сега, Македонија не е подготвена за избори. Можеби е тоа во гените. Не е дека не знаевме што беше тогаш Југославија, што беше тој систем и што се случи на 29 ноември 1943 година кога е признаена Македонија како држава, а на 2 август 1944 г., е само потврдена. Не сме подготвени, затоа што народот, при ваква економска состојба, од ден на ден сé потешка, се однесува апатично, незаинтересирано. За “ефтини пари”, или торба брашно, може да се купи, а никој не стопанисува – вели Мирко Мирчески.

На листа по предлог на други

Беше кандидат за пратеник од СКМ – Партија за демократска преобразба. Признава дека одлуката ја донел Комитетот и не можел да рече не. Ми рекоа дека решиле да бидам кандидат. Ти и готово. Имав доверба кај Гице Караџоски. Прифатив, но нечесните работи, потоа ми посметаа. Како генерален директор на трговијата Центропромет со 1300 работници можев да ги “купам” гласовите. Но, очекував да одлучува народната етика – вели Мирчески. Се присеќава дека граѓаните не им се ветувало многу, но тие не биле свесни, психолошки биле неподготвени за промена. Со Менка Печијареска, која беше кандидат за одборник, одевме по месните заедници. Граѓаните поставуваа прашања и не знаеа како ќе функционира. Во првиот состав, пратениците немаа моќ. Немаше многу трошења. Сега многу пари се трошат за реклами – коментира Мирчески.

Програми за производствени погони

Со кои изборни ветувања ќе се “купуваат” граѓаните, Мирчески вели дека тешко е да се најде алиби. Со “кукли мариовски” не може стопанството да оди напред. Со лаги, пак ќе ги купат гласачите. Народот не е деполитизиран, туку е уплашен. Сака да биде настрана. Ако народ згреши во 1990 г., сега уште повеќе ќе згреши. Не знае кого да избере за да тргне на подобро. Не се води стопанство со лавови и шмизли. Потребни се производствени погони. Поинаку, нема напредок, нема ЕУ и НАТО. Едните се фалат дека ова направиле, други удираат контра дека има работи кои не ги направиле – вели Мирчески. Доколку здравствената состојба би му дозволувала, економската и политичката клима не би го плашела да биде кандидат за пратеник. Потребна е само чесност, работа и развој во сите сфери. Потешко е да се стане пратеник, отколку во 90-тите години. Ако малку ги знаев “игрите”, ќе бев пратеник. Не се разочарав од поразот. Не бев роден, а двапати бев одборник – вели тој. И сега, според Мирчески, ќе се излаже народот како и секогаш. Четирите букви ВМРО се свети. Но, секогаш луѓето кога биле на тие функции не работеле за македонштината, туку за други. Пак, тие свети букви ќе побудат емоции кај Македонците, кај луѓето кои се неуки во политиката. А такви се многу. Ако и сега добие ВМРО- ДПМНЕ, ќе се потврди дека народот, не заслужува подобро. Бранко Црвенковски треба да се тргне од политичката сцена. Тој не е роден да владее со држава. Има место и за друга опција, односно ЛДП со Манасиевски, кој не треба да се занемари и му оди контра на Црвенковски – оценува Мирчески            Според него народот има стекнато политичка култура и ќе излезе на избори, особено повозрасните, а помладите доколку се единствено определени.

Мирко му засучил мустаќи на Бранко

“Оваа приватизација е криминална”. Му рекол Мирко на Бранко Црвенковски кој во деведесеттите бил премиер. Тој муабет го чинел Мирко и директорско место. Во очи му реков дека приватизацијата е криминална. Кога ми се здаде, што да ви кажам! Тоа беше незаконска приватизација. Законот му го читав на Тито Беличанец, и барав да ми објасни како капиталот го поделија на друштва и поединци, кога во законот пишуваше дека капиталот е недделив. А тој ми рече: “Остај што пишува во законот!” Освен Центропромет со приватизацијата се “погребани” и работниците од Солидност и други фрими – вели Мирчески.

ИМЕТО НЕ СМЕЕ ДА СЕ МЕНУВА

Во својот предизборен плакат Мирко Мирчески храбро велел дека на Македонија и треба смелост, да избере независност и сувереност. Пред ист таков предизвик Македонија е соочена и со прашањето за решавањето на проблемот со името. Името да не се менува, сакале, не примеле или не во ЕУ и НАТО. Ние се викаме Македонија – вели Мирко Мирчески.

ПИРГАНОСКИ НЕ ГО ИСКОРИСТИЛ ИСКУСТВОТО

Мирко Мирчески признава дека со неговиот зет Сашо Пирганоски, додека бил градоначалник, пет години не разговарал затоа што не сакал да го искористи неговото искуство и совети. Требаше да знае кој може да му биде најдобар советник. Не може да го советуваат несоодветни лица. Требаше да направи тим околу него. Пирганоски беше многу амбициозен и големи работи заврши како градоначалник. За мене е голема работа тоа што ги пресече тополите и ги премести трафиките -вели Мирчески.

Loading