ЛЕКУВАЛИШТЕ И СОВЕТУВАЛИШТЕ ЗА ЖИВОТНИ

Ветеринарна амбуланта “Канифелис”

Проширување на бизнисот и со услуги за крупните домашни животни

Тања Барлакоска има “наследна мана”, ген да ги сака животните. По семејната традиција на нејзиниот чичко, познатиот д-р ветеринар, професорот Александар Налетоски, и таа тргнала по “патиштата” да бара илач, да лекува животни. Ветеринарен лекар е и сопственик на амбулантата Канифелис, спроти хотелот Липа. Вели дека е задоволна од досегашниот тек на “бизнисот”, главно ориентиран кон давање здравствени услуги на домашните миленичиња: кучињата и мачињата и на слични галеничиња, кои граѓаните ги одгледуваат дома и по дворовите. И по две години, сопственичката смета дека сé уште не е исплатлива работа. Затоа има тенденција да го прошири бизнисот и со услуги и за крупните домашни животни.

Советот и прегледите се бесплатни

Според сознанијата, прилепчани се големи љубители на домашните миленици. Неповолните економски услови не им дозволуваат да одгледуваат помасовно миленици, иако имаат силна љубов кон мачките и кучињата и другите животинчиња. Потврда за приврзаноста се бурните реакции при интервенирање на повредените миленици. Името на амбулантата доаѓа од латинското име на кучето, кое е канис и мачката – фелис. Ние сме амбуланта за пружање здравствени услуги на домашни миленици. Се подготвуваме и за интервенции за големи домашни животни. Во рамките на дејноста, нудиме и витамински – минерални додатоци за крупен добиток, но засега главна преокупација се домашните миленици – вели Барлакоска. Иако одгледуваат, сопствениците не се доволно информирани. Нужни им се совети за исхрана, совети за превентива од болести и тоа е обострано значајно и за домашните миленици и за сопствениците. Одгледувањето бара познавање на превентивата. Поради нискиот стандард, сопствениците помалку ги посетуваат ветеринарите, иако прегледот и советите се бесплатни. Другите услуги не се скапи. Но, сега стануваат луксуз, како одгледувањето на милениците. А потребни се вакцини и препарати за дехелминтизација, односно прочистување од паразити. Потребни се две вакцини годишно за возрасни кучиња и мачки – порачува ветеринарот од Канифелис.

Стерилизирање и кастрирање за подолг живот

Од амбулантата велат дека прилепчани најчесто одгледуваат мачки и кучиња, глодари (хрчаци, морски прасиња и зајаци), папагали и др. украсни птици. Вршиме стерилизирање и кастрирање, миленичето да биде мирно и да не шета, да не го води инстинктот. Тоа е најдобро да се чини на возраст до една година, а е и добро за спречување на болести. Доаѓаат луѓе со затруени миленици, повреди од сообраќајки, но за жал, фрактурите не се гледаат, и не може да се реагира ефикасно, оти нема рентген апарат. Затоа сопствениците се испраќаат во други градови. Соработуваме со ветеринарна лабораторија, која многу ни значи при интервенции – објаснува Барлакоска. Таа вели дека летно време е многу важно милениците да се третираат против болви и крлежи. Располагаме со соодветни средства за превенција од болви и крлежи, Ако милениците редовно се вакцинираат, има намален ризик за заразување и појава на болест. Ако се појави сомнеж, има процедура во која се вклучува и ветеринарната инспекција – пренесува Барлакоска. Амбулантата за скоро ќе “излезе на терен” во давање здравствени услуги со уште еден лекар, и на крупниот добиток.

Козметика на нокти на кучиња и мачки

Обично ноктите кај милениците се трошат сами, ако живеат во природна средина. Милиници, кои, такаречи, спијат со сопствениците, не ги трошат ноктите, оти живеат во стан. Тие треба редовно да се одржуваат и потсекуваат да не сметаат во движењето. Таа услуга не е скапа. Чини само сто денари. Не е едноставна, оти може да се предизвикаат повреди со нестручно сечење. Има метода за сечење. Не потстригуваме миленци, туку само интервенираме во медицински цели. Стрижеме поради интервенции од разни рани, кога се средува крзното од напади, поради високи температури, а за дотерување на изгледот на миленичето постојат фризери, што ги нема кај нас – кажува Барлакоска. Прилепчани одгледуваат и егозтични птици. Птиците често завршуваат со смрт, оти доцна се носат на интервенција и не им се обрнува доволно внимание. Сопствениците треба да знаат како и со што да ги хранат, зашто се чувствителни на вештачката домашна атмосфера.

Корекција на заби на хрчак

Треба да се коригираат забите кај глодарот – хрчак, ако не ги троши. Некои не сакаат да грицкаат и не ги трошат забите. Нужно е редовно да се коригираат со машина која ја поседуваме – вели ветеринарот Барлакоска.

Loading