ЗНАЕЊЕ И ВРВНИ АПАРАТИ ЗА ДИЈАГНОСТИКА И ЛЕК ЗА ЦЕЛО ТЕЛО

Дијагностички центар за интерна медицина “Мед интерна”

Располагаат со колор доплер, ехо…

Дијагностика и лекување на сите интернистички болести нуди Дијагностичкиот центар “Мед интерна” кој започна со работа од јануари, а пак од 1 април, со склучениот договор со Фондот за здравство, ќе работи и со сини картони, по исти цени како и во болницата. Специјалистот по интерна медицина д-р Оливер Тасески сето свое знаење и стручно усовршување, добиено низ светски признати медицински центри, комплетно го насочува во лекувањето и помошта на своите сограѓани. Лекарската, генска нишка наследена од татко му Христо, познатиот интернист во пензија, со врвната едукација му овозможуваат на 31- годишниот интернист Оливер Тасески праксата да ја примени, и со помош на современите апарати и опрема за дијагностика, да биде успешен во лекувањето на интернистичките заболувања.

Следење на циркулацијата на крвта

Најнапред започнал со општата амбуланта од 2004 г., а од 2006 г. заминал на приватна специјализација по интерна медицина во Скопје, која ја завршил во 2010 г. Дијагностичкиот центар располага со колор доплер за следење на циркулацијата на вратните крвни садови, на артериите, и вените и на рацете и на нозете. Со ехокардиографија на срце се детектираат сите можни болести на срцето од валвуларни залистоци, откривање на прединфарктна состојба и следење на постинфаркт, дијагностика на проширено срце. Превентивно може да се делува да се избегне инфарктот – вели д-р Тасески. Освен дијагностика нудат и лекување. Имаат дневна болница за добивање на кислород терапија, инфузиони раствори, мускулна и венска ампуларна терапија. Целиот интернистички преглед се добива на едно место. Имаме мониторинг ЕКГ апарат. Се следи шеќерната блест, правиме и ехо на абдомен, џигер, бубрези, бешика, ехо на дојка. Дури во 90 насто во земјите прегледот на дојките го вршат интернисти. Имаме и холтер за крвен притисок односно 24 часовно апаратче кое го регистрира варирањето на крвниот притисок и пулсот. Вршиме и спирометрија за испитување на капацитетот на белите дробови за рутинска анализа за дијагноза дали е или не некој астматичар, а со тоа и одредување на терапијата. Вршиме и ревматолошки прегледи. Во градов имаме 120 пациенти со ревматиден артрит – вели Тасески. Вршат ехо преглед и на тироидната жлезда. Со понудените здравствени услуги им се овозможува на пациентите да го избегнат малтретирањето, траумите и непотребните дополнителни трошоци за прегледи во Скопје.

Врвна едукација низ светски признати центри

Иако е млад човек сепак, знаењето кое постојано го надоградува е доволен предуслов прилепчани да му веруваат во дијагностицирањето и лекувањето на интернистичките болести. По специјализацијата во Скопје, завршив тренизни во референтни центри, како во кардиолошката болница во Софија, во Пловдив на катедрата за радиологија на дојка, каде завршив обуки за ехо дијагностика – вели Тасески. Во Стара Загора, одбил да остане асистент по педијатрија, односно хематоонкологија затоа што го влечел Прилеп, да помага во родниот град. Медицината бара време, посветеност. Специјализациите чинат средства. Медицината не е бизнис во кој брзо се враќаат парите. Потребно е време. Сепак, љубовта кон прилепчани и зачувувањето на здравјето е пресудна. Со татко му Христо често разговараат и се консултираат. Д-р Оливер гради сопствена кариера и имиџ. Искуството и постапувањето по протокол и постојаната едукација се неговата посилна страна. Развојот на “Мед интерна” се насочува кон нова апаратура и инвестиции во апарати за стрес тест, ехо, со кои засега не се работи во Македонија.

ИЗБОР И НА МАТИЧЕН ЛЕКАР

Во рамките “Мед интерна” има и амбуланта по општа медицина во која сопругата Мариета Тасеска работи како матичен лекар. Пациентите може да изберат матичен лекар со склучено договор со Фондот за здравствено осигурување.

Loading