НАМЕСТЕНИ ИЗБОРИ КАЈ ПЕНЗИОНЕРИТЕ ВО РИД

Група пензионери при огранокот РИД – 1 реагираат на неправилните и силувани избори на 9 февруари од страна на досегашниот претседател Серафим Дукоски и неговите претходно подготвени поддржувачи. Почитуван претседател на Здружението на пензионери и членови на надзорниот и управниот одбор. Јавно извесуваме дека изборот на нови членови во одборот и делегати во Здружнието во огранок РИД – 4 е нерегуларен и е извршен не демократски, ниту во правно издржани услови, бидејќи отстапуваат од статутот и желбата на пензионерите. Од вкупно 850 членови немаше нити 10 отсто на собирот. Покрај тоа, претседателот Дукоски сам предложи свое работно претседателство, не давајќи им право на предлогот на мнозинството. Тоа е видено пристрасно сценарио од претходните години. Покрај чесните и коректни дискусии, предлозите паѓаа во вода и не беа прифаќани од претседателот и неговата машинерија за гласање. Никој не водеше сметка дека според статутот нема само тој право да го отвора состанокот и да го предлага дневниот ред. Да се усвојат предлозите на претседателот и неговите приврзаници, предност им се даваше пртежно на неговите пулени. Од авион се гледаше договорот меѓу него и неговите во стилот, “ти предложи го тој, јас – тој, ти – мене, јас – тебе, јас – својата жена, ти – мојата пријателка” и слични манипулации, недолични за нашата возраст, односно “третото доба”. Ситуации без преседан и за секоја осуда.

Без никаква доблест и одговорност со недолични и навредливи зборови од жени и мажи, со еден нов член почна состанокот по извештајот на Здружението за минатите четири години, за кој, само читањето на претседателот Дукоски, никој не го разбра. Дури и помлади од 40 години ни би разбрале и не би запомнле делови. По долгото читање претседателот ги замори присутните, кои почнаа да го напуштаат состанокот.       Така се виде дека Извештајот не е добро подготвен, ниту презентиран и објаснет. Изнесувањето беше запурно, неконструктивно и здодевно. Никој ништо не го разбра. Повеќе од половината дискутанти констатираа дека нема информираност и дека состаноците на Огранокот се табу – тема. Побараа да бидат информирани на време и на соодветен начин, преку повеќе гласила и соопштенија на повеќе места.

Без прејудицирање, дискусиите и предлозите наликуваа на јавна кавга и расправија со пространи дискусии од навивачи, членови од старото раководство. Тие се насочија да упаѓаат на некултурен и арогантен начин. Дукоски им даваше збор на своите приврзаници. Затоа голем број чесни пензионери заминаа, разочарани од никаквата парламентараност, демократичност и подготвеност за унапредување и зајакнување на огранокот, за учество во одлуките од интерес на членовите. Собирот беше одговор зошто голем дел на пензионери не ги посетуваа клубските простории со најубави услови за дружење. Покрај потребата за понатамошни дискусии по извештаите, не беше дозволено, па се премина на предлагање на членови во одборот во огранокот кој по статутот треба да брои од три до седум членови. Стариот претседател предложи девет кандидати, а се гласаше за седум. За останатите двајца нé. Кутрите луѓе останаа посрамотени, понижени од незнаење на статутарните одредбни од страна на претседавачот.

Се направи катастрофална грешка по чл. 43 од новиот статут. И до крајот на состанокот стариот претседател продолжи да го води состанокот недемократски, непарламентарно, хаотично и невкусно. Предложените членови беа од стариот одбор, со исклучок на еден, што сметаме дека и овде не постапува по статутот.

Од сето ова се гледа дека послушноста, непотизмот, полтронството, директивите, предвремените договарања се присутни и длабоко навлезени уште од порано во нашите редови. Се прашуваме, каков напредок е можен за доброто на пензионерите со ислужени, изживеани претставници без идеи, а со намери за остварување на своите лични интереси.

Понатаму, иста слика. Борби и жестоки препирки за делегати во Здружението. Едни исти луѓе и досегашни членови во органите на управување и по неколку мандати. Не се запишуваа имињата од хаотичните борби и расправии. За жал, недоличното однесување на поединци, кои сакаа да останат на секој начин понатаму во органите на огранокот, оставија црна дамка на овие силувани избори на пензионери РИД – 1. Помладите пензионери, кои првпат присуствуваа, си отидоа дома разочарани.

Затоа ги молиме претседателите на надзорниот и извршниот одбор, и собранието со целосна одговорност да го разгледаат приговорот за осум дена и писмено да го известат огранокот. Бараме да се закажат нови избори и да се преземат мерки за поништување на силуваните избори. Во споротивно, приговорот ќе добие пошироки димензии, а виновниците да се опоменат или казнат за неправилното работење.

Група пензионери од РИД

Loading