СЕ СРАМАМ ЗЕМЈО МОЈА ОД ТВОИТЕ ЛИДЕРИ

Неискрени, суетни, нарцистични, омнипотентни…, се замислуваат како да се „мали богови”, на кои им е дозволено безобзирно да се напаѓаат и мразат, не водејќи сметка дека нивните лични фрустрации им ги пренесуваат на голем дел од својот народ.

Тие, за жал, забораваат дека лидерската улога подразбира високи капацитети за толеранцијата и подготвеност за меѓусебно градење мостови на соработка, за посветла и просперитетна иднина на сите граѓани, независно од недоразбирањата и конфликтите од минатото.

Нужно е да ја вратиме искреноста во нашите домови, на нашите улици, во нашите училишта…, во односите со нашите комшии Турци, Албанци, Роми, Власи, Бошњаци. Потребно е да се потрудиме да спознаеме секој поединечно какви личности сме и кои се нашите индивидуални доблести и мани како граѓани. Потоа неизбежно ќе следува што е она, што е потребно е да го промениме кај себе за да бидеме подобри, за да можеме сите заедно поуспешно да зачекориме кон подобра иднина на Македонија.

При тоа, појасно ќе ги согледаме карактеристиките, кои ги истакнуваат нашите етнички матрици како Македонци, Турци, Албанци, Роми, Власи…, чии судбини со векови се испреплетуваат во борбата за преживување, што ќе ни овозможи искрено и отворено да се потрудиме да градиме подобар живот и поубаво заедничко утре за сите нас како рамноправни граѓани на Македонија.

Знаеме ли дека не е можна долготрајна и вистинска среќа, ако сме себични и не обрнуваме внимание на потребите на другите покрај нас?

Чесно ли е да ја прифатиме од нашите лидери неискреноста, како маска за постигнување на себични и скриени материјални, политички и било какви други интереси, а при тоа да си дозволуваме неосновани непријателски чувства кон различните од нас?

Треба ли да ги презираме или да им завидуваме на оние кои се посиромашни или побогати, поубави или погрди, побели или поцрни, од ВМРО-ДПМНЕ или од СДСМ…?

Добро ли е да ги мразиме оние кои зборуваат поинаков јазик: албански или македонски, ромски или влашки, српски или турски, оние кои имаат друга религија, друга култура, друга професија, друга партија…?

Општ впечаток е дека светот, тука и таму, не само што дозволува со него да владеат проблематични лидери, туку и дека луѓето, за жал, многу често реагираат духовно, абнормално, во спротивност со своите сопствени желби и реални можности.

Во најмала рака е чудна партиската опиеност со која воодушевено се обезвредуваат и омаловажуваат луѓе, кои ништо не ни направиле, но се членови на друга политичка партија или пак се со друга националност или имаат друга религија, припаѓаат на друга култура или пак имаат понаков животен стил, или…      Последниве 20 години нашите големи политички лидери создадоа клима на сеприсутна бесперспективноста, во која нема услови за индивидуален духовен развој, независен и слободен живот, рамноправни шанси за вработување и професионално напредување. Како единствена можност за преживување се наметна безусловен поданички партиски однос, преку кој граѓаните им доверија на своите лидери апсолутна моќ над сопствените животи и судбини.

Поединци не сакаат да размислуваат надвор од партиските насоки и не успеваат да видат јасно дека нивните партиски лидери (некои делумно, некои целосно, некои повремено, некои постојано), играат неискрена игра на двојни и тројни интереси, при што интересот на граѓанинот и државата е после личниот и теснопартискиот интерес на лидерот. Обичниот човек е принуден да ја жртвува својата индивидуалност како личност, свесен дека единствена шанса му е во улога на партиски војник послушно и трпеливо, како кучето својата коска да го чека своето евентуално вработување или унапредување.

Ни се наметнува како лична и општествена опција да ги препознаеме љубовта, работата и знаењето како вистински и трајни извори на животот, и да се избориме тие непопречено да управуваат со нашите животи во нашава Македонија.

За промена, да престанеме да мразиме што е различно и да се потсетиме на зборовите на еден кинески мудрец кој препорачува: „Изградете златни мостови од позициите на вашите противници, до заемно прифатливи решенија”.

Психијатар Д-р Јохан Ѓорѓиоски

советник во Општина Прилеп

Loading