ИНВЕСТИЦИИ ВО МОДЕРНА ИНФРАСТРУКТУРА ВО ПЕЛАГОНИЈА

Бизнис заедницата укажува дека развојот се темели и на неопходноста за вложувања во модерна железница Велес – Битола – Кременица и автопатот Битола – Велес, а за извор ги посочува концесиите, задолжувања и јавно -приватно партнерство 

 

Кризата ги покажа слабости на економијата. Крајно време е за решавање на клучните проблеми. Напредокот зависи од инвестициите во производните и извозно ориентираните дејности и во јавната инфраструктура. Императив е развој на приватниот производен и извозен сектор, јавните инвестиции за реконструкција и модернизацијата на јавната инфраструктура, поради потребата од надминување на недоволната развиеност и незаокруженост и релативно техничко-технолошката заостанатост и ниска ефикасност на капацитетите. Модернизацијата на јавната инфраструктура е приоритет за развој на Пелагонија. Да се зајакни конкурентноста и да се олесни пристапот до странските пазари, императив е реконструкцијата и модернизацијата на јавната инфраструктура за обезбедување економичност и повисока ефикасност. Во сообраќајот, приоритет се транспортните коридори во север-југ (Коридор 10) и исток-запад (Коридор 8), кои меѓусебно се вкрстуваат и претставуваат стратешки и економски приоритети. Вкупната должина на Коридорот 10 изнесува 172 км, од кои 132 км се изградени на ниво на автопат, кој неопходно е да се реконстуира, а за Пелагонискиот регион неопходна е модернизација на кракот Велес – Битола, кој е тесно грло во прометот на стока и патници. Вкупната должина на патната инфраструктура кај Коридорот 8, изнесува 304 км, од кои 109 км (35,8%) се изградени на ниво на автопат, а активностите се запрени за натамошна изградба. Железничкиот сообраќај располага со големи потенцијали за меѓународен превоз, особено за масовен превоз на стоки. Столб е железничката врска Табановце – Скопје – Гевгелија (213,5 км), што е дел од железничка врска Белград – Солун, како еден од најзначајните и најдолгите паневропски коридори. Македонија само преку овој коридор е поврзана со централна и Југоисточна Европа, а преку пругата Битола – Кременица е поврзана со Грција, чиј сообраќај е укинат во 1984 година. Карактеристично за останатата железничка инфраструктура е застареноста и истрошеноста. Тоа значи ниско технички ниво, кое се должи на недоволното вложување во пругите и редовно и инвестициско одржување. Важен е и Коридорот 8, од Исток – Запад, од Варна (Бургас) – Пловдив – Софија – Скопје – Тирана – Драч – Влора – Бриндизи, со вкупна должина од околу 1270 км железничка пруга и 960 километри патишта. Во него спаѓа изградбата на делниците Куманово – Бугарија – околу 85 км и Кичево – Струга – Албанија околу 66 км, кои не се доизградени. Се пролонгира реализацијата, поради недостигот на сопствени пари. Бизнис заедницата укажува на поинтензивно ангажирање за модернизација на инфраструктурата од извори на странски капитал, со директни инвестиции, заеднички вложувања, концесии, јавно- приватно партнерство, и задолжување во странство. Пелагонискиот регион тешко превезува до главните сообраќајници. За стопанствениците е од исклучително значење реконструкцијата и модернизацијата, особено на патната инфраструктура од Велес до Битола и железничката линија Велес – Битола – Кременица. Пругата Велес – Битола се карактеризира со најниска комерцијална брзина, Приближувањето со европските железници преку Кременица би значело намалување за третина на патот до Солун (околу 200 км), можност за поевтин превоз на компаниите од Пелагонија и од југозападниот регион, а мермерот, тутунот, градинарските култури, јаболката, би добиле алтернатива со користењето на мултимодалниот транспорт (контејнери).

Loading