НЕ САМО КРАП ОД “ ЗЛАТЕН КРАП “

Веќе шест години по обновата, постепено расте производството на крап, тостолобик и амур во рибникот кај селото Долнени

Поранешниот запуштен рибник на ЗИК Прилеп, благодарение на ангажманот и посветеноста на новите сопственици веќе има нов изглед и работи профитабилно. Го “освежиле” со инвестиции сопствениците Миле Сидороски и Славе Петрески и го ставиле во функција со формирање на фирмата “Златен крап”. Велат дека има перспектива производството на крап, тостолобик и амур во рибници. Го купивме рибникот на берза во 2004 година, такаречи празен, само со вработени чувари и директори. Презедовме инвестиции за чистење на каналите, бидејќи беа запоставени. Чистевме канал долг 12 километри, да обезбедиме постојан прилив на вода. Увезовме подмладок за гоење да ставиме во експлоатација дел од 260-те хектари. Тргнавме со половината на капацитетот за производство на 400 тони риби годишно во идеални услови. Дури посадивме пченица, да ги олесниме давачките за храна. Но, дел од околните жители направија хаварија со испуштање на водите со околу 20 тони риби. Се созедовме и постепено го зголемуваме производството. Дојдени сме до околу сто тони годишно – вели Миле Сидороски, еден од сопствениците. Не е едноставно производството на риби. Се увезува подмладок од 50-100 грама. Рибите растат до 700 грама за две години, за третата година да дојде до три килограми за продажба. Ќе имаме за в година подмладок повеќе од потребите. Ќе ги населиме над 50 насто од рибниците со крап, амур и тостолобик. Пробавме со сомови. Населените 3500 сомчињаа добро се адаптираат и растат. Акцентот ќе го ставиме на крап, а нужно е и да се насели и тостолобик и амур, кој не се мрести. Тостолобикот и амурот се хранат со планктон, а крапот со трева, трска. Очекуваме в година околу 150 тони. Пласман има, но сомнителниот увоз од Србија создава нелојална конкуренција – вели Сидороски. Ризично е производството, како секој бизнис со жива стока. Се вложува, и преку ноќ постои опасност да изумрат рибите, иако условите се идеални, со постојана вода, која не секнува и не понира, и во пекол по три месеци. Сепак, бизнисот има иднина со инвестиција во вештачки мрестилишта, зашто подмладокот чини 4-5 евра килограм. Ако ги скусиме трошоците за подлмладок, ќе бидеме “топ”. Нужно е вложување од околу 50 илјади евра. Не се успешни обидите за природно мрестење и одгледување на подмладок – вели Сидороски. Нема се знае колку риби конзумираат Македонците. На Тиквешко Езеро има над 20 рибници, потоа ЗК “Пелагонија” во Битола има околу 150 тони производство. Проценка е дека земјава може да апсорбира околу 500 тони.

Рибокрадци трујаат кучиња – чувари

И покрај осветлување и стражари, ноќе има крадци. Најдени биле седум вреќи риби, а ненајдените се многу повеќе. Тешко оди справувањето со арамиите. Дури имало инцидент, кога чуварот, во одбрана, пукал во дрскиот и агресивен рибокрадец со стап. За одмазда, деновиве е отруено кучето, кое било најдобар чувар на рибникот. И лани настрадала од отров, кучка со седум кучиња.

Loading