“ИРСКИ СЕЛА” ВО МЕТАЛЕЦ И ПАРТИЗАН

Сашо Велески, стопанственик и координатор на советничката група на СДСМ

Данок може да плаќа богат човек, а сиромашните и да се оптоваруваат, тешко ќе плаќаат и тешко ќе се собира

Ненаменски, неквалитетно и мегаломански, без приоритети се трошат парите на граѓаните

СДСМ ќе ја намали сиромаштијата и ќе ја зголеми вработеноста

“Со “привилегијата”, кариерата да ја минам во стопанството и да ги следам приликите повеќе од 20 години, сметам дека Прилеп, со исклучок на две – три фирми, не отскокнува од сивилото на националната економија. Останатото стопанство одвај преживува. Во тој контекст, Локалната самоуправа треба да ги искористи способностите на менаџерските тимови во подобрување на бизнис плановите и резултатите. Нема странски инвестиции, а домашните се сведени на мали капацитети или на фирми со еден-двајца вработени кои сакаат да преживеат, а тешко им оди.” Ова е глобалната слика за локалната економија на координаторот на советничката група на СДСМ, Сашо Велески.

Буџет од над милијарда денари

Тој аргументира дека големината на буџетот годинава ќе биде со незапамтена цифра за прилепски услови од над милијарда денари. Дотациите на државата се во рамките на ланските проекции. Тоа значи дека сопствените приходи растат. Значи ќе се зафати поголем дел од граѓаните и стопанските субјекти по сите основи, тргнувајќи од фирмарини, зголемените даноци на имот… Наместо да се помага, да се растовари стопанството, да се релаксира, се оптоваруваат граѓаните и стопанството за сметка на буџетот на локалната економија. Приходите на буџетот од сопствени извори растат, иако се потфрли на концесиските надоместоци за експлоатација на минерални суровини, а единствено треба да растат давачките на фирмите и приходите од данокот на имот. Данок може да плаќа богат човек, а сиромашните и да се оптоваруваат, тешко ќе плаќаат и тешко ќе се собира – вели Велески.

Сек за Тутунски и Еурокомпозит

Според него, степенот на сиромаштија е многу повисок во Прилеп во споредба со земјава, исто како невработеноста. Ланските намалувања се фикција. Како ќе се зголемува буџетот, полнет од граѓаните? Сиромашни се и граѓаните и фирмите, зголемени се давачките за вода, комуналии… Ако граѓаните немаат плати, не знам како се смета да се остварат приходите и да се сервисираат проектите. СДСМ има цел да ја намали стапката на сиромаштија, да се зголеми вработеноста и на луѓето да им се овозможи да примаат плати и да плаќаат данок. Прилеп не е енклава. Се рефлектира економската ситуација во земјава. Пропаѓаат фирми. Зошто не се решаваат Тутунски и Еуркомпозит. СДСМ пресече болно. Некои преживеја, некои исчезнаа. Нужни се такви зафати, оти плаќаат сите граѓани. Или лошата бизнис клима во земјава, се рефлектира и овде – вели Велески. СДСМ има програма за опозиција, и другата програма со која ќе настапиме на изборите. На изборите ќе предложат дали стапката на данок на имот ќе биде 0,05 или помалку или повеќе. Најбитно е, на граѓаните да им се овозможат услови еднакво да ги плаќаат давачките. Згора на тоа, ненаменски, неквалитетено и мегаломански, без приоритет се трошат парите на граѓаните. Пример со поплавите Тризла не се остварени програмите за чистење и слично и затоа дојде до поплава. А тие поентираат со сместување за поплавените. После програмите исчезнуваат од ставките во буџетот со првите ребаланси. Така се избриша и проектот за гасификација. Мегаломански е да се трошат многу пари во новата градска куќа. Со ребалансот префрливме нови 20 милиони денари за градската куќа, а со пет можеше да се исчистат сите корита – смета Велески.

Ирски села место Алинци и Лагово

Економските зони Лагово и Алинци се изборни програми на власта. Зошто да се гради Алинци, кога има простор на сите излези на градот. Касарната е родена за индустриска зона со комплетна инфраструктура, а стои празна. Или просторите во фабриката Партизан или Металец. Овие локации се погодни за “ирски села”, со комплетни хали од по 300-400 квадрати. Тие им се даваат на веќе развиените бизниси, кои ги плаќаат по три-четири години, без да вложуваат во објекти и инфрастуруктура. Наместо пирамиди, фонтани и стаклени, водени згради и кој знае што, може да се направат 30-40 капацитети со по стотина-двеста квадрати. Пари има, а се трошат за друго. Така не ќе е нужно да се гради Алинци – вели Велески. Тој смета дека инфраструктурата е приоритет. Многу населби не се легализирани. Затоа е нужно да се одделуваат пари за детални планови. Да се дефинира приватниот простор и лесно да се овозможи развој на мал бизнис. Има и фирма за планови, но сé работи, само не тоа за што е формирана. Понатаму, нужна е реконструкција на постојните улици. Програмата се реализира само 50 отсто, а влегуваат други улици надвор на програмата…

ЈП не фактурираат на сите

– ЈП се фалат дека наплаќаат на светските норми за наплата од 95 отсто. Кога прашавме колку е фактурираното, се дојде до 70 отсто. Односно фактурираат на плаќачите. Тоа значи дека се применува сиромавите да не плаќаат, а “богатите” да плаќаат – вели Сашо Велески.

Loading