БОГАТА ТРПЕЗА И ЖУРКА СО ТВ ПРЕНОС

“Житоприлеп” домаќин на Свети Никола

Фирмата “Житоприлеп” е домаќин на градската слава, на годинешното одбележување на Свети Никола кој е патронен празник на градот. Желбата на сопственикот Ѓорѓија Џорџ Атанасоски да вложува во родниот град беше повод уште лани, да подаде рака кон славскиот леб и под заветот на “Оче Николај…” да даде завет дека тој ќе даде леб за в година. Желбата за домаќинлак на општонародната прослава на патрониот празник на градот несебично ја прифати градоначалникот Марјан Ристески кој ги поддржува бизнисмените во вклучување на општествените збиднувања. Овојпат изобилието од храна, пијалок, организаторот, “Жито Прилеп” реши да го збогати и со музички настап на естрадни ѕвезди со цел уживањето и славењето на патрониот празник да биде комплетно. Во разговор на сопственикот на Житоприлеп со градоначалникот ја предложи идејата да ја наследи Прилепската пиварница. Му беше желба и чест да биде домаќин на манифестација, исто онака како што вложува во градот. Поразличен ќе е директниот пренос на нашата ТВ “Сонце”, како од црквата така и од случувањата на плоштадот, се до преносот од Хотел Липа каде ќе биде свечениот ручек. На камената бина ќе настапат Миле Кузманоски, Милица Кузманоска, играорна група од градот, Ирена Алачки. Можеби ќе сме единствени во славјето со музички хепенинг. Можеби и ќе нé наследат и ќе прерасне во збогатување на празникот. Недела е викенд и сакаме со музика граѓаните да се опуштат, провеселат, да се знае дека е ден на градот. Прилеп да памети. Очекуваме многу гости од Македонија, кои сакаме да почувствуваат добар амбиент, да пробаат сарма, грав, риба, пиво во изобилие – вели Горан Јанков, извршен директор на “ЖитоПрилеп”.           А како прва и најголема фирма во градот од мелничко преработувачките работи и хотелски услуги, знаат што е вкусна храна, полн стомак и добра голтка, за која непречено ќе го стават сиот расположлив капацитет. Телевизискиот пренос е за збогатување на празничната атмосфера и ставањето на празникот Свети Никола како втор бренд на градот, по Пивофестот. Организирањето на градската слава е доказ дека Житоприлеп е фирма со реноме, која го сака и помага градот. Ова е потврда на вложувањата кои ги прави сопственикот Џорџ во градот. По празникот, почнуваме со вложувања во хотел Липа и тој да стане хотел со пет ѕвезди. Очекуваме договор, да се направи убаво здание, хотел кој ќе биде препознатлив во Пелагонија. Липа е Прилеп, а Прилеп е Липа – вели Јанков. Пред празникот, на 17 декември предвидено е пуштање на уште еден млечен ресторан кај Гимназијата. Тоа е четврт ресторан по сите стандарди со висококвалитетни услуги. Ќе ја пуштиме и машината за пакување леб. Граѓаните ќе добијат похигиенски, позаштитен и поквалитетен леб – вели Јанков. “ЖитоПрилеп” вложува и во ракометниот клуб со реновирање на Универзалната сала.

МОЖЕМЕ ДА ГО УРНЕМЕ ГИНИСОВИОТ РЕКОРД

Домаќинот “Житоприлеп” располага со финансиски, просторни и организациони можности да подготват повеќе од 80 256 сарами со што би го урнале Гинисовиот рекорд со кој Прилеп пред две години се запиша во книгата на славните. Не сакаме да го “турнеме” прилепскиот гинисов рекорд. Ќе има сарми за секого, можеби и повеќе од рекордот. Ќе ги витка добро потврдениот и докажан тим од женските организации. Подготовките се во тек. Обезбедени се 1200 килограми зелка, грав, 500 килограми риба. Ќе има ред со одредена патека, секој посетител да се послужи. Гравот ќе се вари во војничките казани на отворено, а сармите ќе се виткаат во хотел Сонце, ќе се варат во фабриката за преработка на печурки – вели Горан Јанков. Обезбедени се и два тони бело и црно вино и околу 400 -500 литри ракија.

Поканети и претседателот и премиерот

– Поканет е целиот државен врв, претседателот, премиерот, претедателот на Собранието, американскиот амбасадор, украинскиот, кинескиот, турскиот и многу други. Очекуваме гости од Синодот на МПЦ, многу деловни партнери и бизнис пријатели – вели Јанков.

Loading