“АЧИК” НА АЧИК

Металобраварска фирма со традиција

Од дреарска работилница, веќе инсталираат комплетни мелници на камења

Сервисирање на камионски приколки со атест

Фирма “Ачик” плива храбро во приватаните бизнис води веќе 18 години. Но, не е ставен темелот во 1992 година. Корените се подлабоки. Фирмата на машинецот Горан Павлоски, која се занимава со метало- преработивачки работи и чија специјалност последниве години е ремонтирање и атестирањето на камионски приколки, има традиција поставена од татко му. Таа е наследник на фирмата на тројца стари дреарски мајстори по нивната ортачка разделба. Павлоски вели дека навреме се разделиле партнерите и тој навреме кинисал по стапките на татко му. Не се жали, туку е оптимист, макар што бизнисот со сервис и адаптација на камионски приколки малку е затаен по летниот период. Затоа “токми” технолошки линии системи за дробење камен.

Инвентивен дух

На Горан му лежи машинството иновациите, оти никогаш не работи два исти елементи. Вели дека му е здодевно и би одбил серии од илјадници исти елементи за некои машини. Карактерот му е нескротлив, секогаш во потрага по нешто ново, нестереотипно или монотоно. Можеби и затоа фирмата се вика “Ачик”.

– Ја крстив фирмата “Ачик” случајно, од немајкаде. Тешко се најдуваа имиња за судот. Дојде пријател и предложи да се вика “Ачик”, што значи виделина, светлина јавност. И тоа име помина за регистрација пред две децении – кажува Горан кому железото му е во генот.

Фирмата се занимавала првин со одржување техничките потреби на компаниите. Била еден вид технички заднина, поддршка, сервис за ситни мали елементи што се трошат или се расипуваат на машините во секоја фабрика и не е исплатливо да се бараат од производителите на опремата.

– Бевме комплетно метало-преработувачко машинско одржување. Потоа камионџиите побараа адаптации на приколките и камионите да не одат во Солун по делови. Им правев сé што ќе посакаа муштериите – целосен сервис на приколките. Почнавме една приколица, после се редеа друга, трета… оти се прилагодуваа на новите стандарди не само во должина, туку и со инсталација на уште една осовина. Предност беше што се усоврши прилагодувањето и приколките добиваа визи, односно атест од машинскиот факултет во Скопје. Голема е одговорноста, зашто може да се откачи осовината со 40 тони. Така приколките се мој фах, специјалност. Затоа сум работел приколки и од Србија, Црна Гора, Босна, Косово. Малку е затаено со падот на транспортот, но опстануваме. Се отвора простор кај рударските машини, оти за на пролет се најавуваат отворање уште на триесетина рудници на камен. Тука има перспектива со одржување на тешките машини, багери и техника – вели Павлоски.

Профит во рудниците

Во новата бизнис клима, не гледа песимистички. Открил ново бизнис поле. Предизвик му е производството на мелниците и транспортните системи на камења за каменоломите по “Ачик лиценца”.

– Нужно е да се следи времето и да се осовремени бизнисот. Тргнав и на одржување и изработка на мелници за камења за рудниците со лентите што го носат каменот. Сега произведувам комплетни системи, но се разбира по нарачка. Камените мали гранулати се бараат, зашто е забрането користењето на камењата и песокот од реките. Затоа коњуктурни се и мелниците. Веќе инсталирав две во сопствена продукција – кажува Горан

Тој се носи со идеја да го пршири постојниот работен простор, кој веќе му е тесен, со плац и објект во дворот на некогашната фирма Пелагонија транспорт.

– Бркам документација за дел од просторот од Пелагонија транспорт. Ќе ги ангажирам поранешните десетина работници. Просторот се пусти, а мене ми недостасува. Се надевам дека ќе успеам во легална процедура – вели Горан Павлоски – сопственикот на “Ачик” во валканата работа со многу труд и мајсторија за правење чуда од железо.

Сепак работата се исплати и му носи пристоен живот.

Loading