ПРОСТОР ЗА БИЗНИС СЕКТОРОТ

Пред донесување генерален урбанистички план

Новина е внесувањето на просторот на старата болница за висококатници

Времето ги легализира дивите објекти за сметка на инфраструктурата

Донесувањето на локалните визии за развој на градот – новиот урбанистички план е во завршна фаза. Во содржината се собрани сите аспекти на животот на градот во следниве неколку децении. До крајот на годинава се очекува да биде донесен по две години подготовки. Во контурите стојат измени во споредба со претходниот од 2001 година. Раководителот на секторот за урбанизам при Локалната самоуправа Илија Карески вели дека измените главно се насочени да се “ослободи” простор за стопанството. Главно се зголемени површините за индустриските зони по патот кон Македонски Брод. Се проширува до Институтот за тутун. Слично е проширувањето на стариот пат кон Битола и Крушево, спроти Жито Прилеп. Меѓудругото, се пренаменуваат површините кај оранжериите со простор за таканаречената населба за станбена градба “Градина”. Се дефинираат некои пропусти со стариот план.. Има промени и во населбата Точила. Впрочем сето неискористено државно земјиште да се приватизира и да се динамизира градба. Тука секако се вклучува и приватната градба – вели Карески.

За реализација на уличната инфраструктура, за отстанување на некои “улични плускавци” од диви, па и легални градби, не е проблем да се отстранат и сега. И досегашниот, и новиот план го овоможуваат тоа. Способноста на Општината, а со тоа и на државата не беше можно да ги реши, бидејќи се располагаше со мал ограничен буџет. Затоа проблемот се провлекува од поодамна. Проблемот е создаден со урбанистичката документација, која, кај нас, изгледа дека е полесно променлива. Не е дефинирано трајно. Реализацијата на нови улици, опфаќа поголем градежен фонд, почнувајќи од огради, гаражи, дворови, кои бараат многу пари. Впрочем законодавството многу ги штити дивите градби. Што значи дека ако некој незаконит објект не бил урнат навреме, по години добива одреден легалитет. Нашето законодавство поинаку го толкува статусот на дивите објекти. Има апсурди што дивиот објект е позаштитен од легалниот. Ако некој собере комплетна документација за градба, треба да добие виза од соседот со див објект. Дури и да ги промени, на пример, прозорците или локацијата е според желбата на сопственикот на дивиот објект. Тоа е соопштено на подготвувачите на законите, но никој не прифаќа. Затоа се бараат легализации на дивите објекти. Практично времето ги легализира дивите за сметка на инфраструктурата. Преземањето зафати за проширување на улици е поврзано со средства за уривање, судски процеси и одолговлекување, иако во некои улици е невозможно да се доближи противпожарно возило, итна помош или камион за собирање на смет – вели Карески.

“Победа” ќе чека подобри времиња

Една од приоритетните зафати на градот е улицата Победа, која треба да ги поврзува улицата Борис Кидрич и Моша Пијаде покрај сегашните оранжерии. Но, пресметката ќе покаже дека тоа ќе чини околу милион евра. Тоа во споредба со буџетот од 60 милиони за сите улици, останува да се чекаат подобри времиња.

Обединети за измени на поширок простор

Законската регулатива дава можноста за измена на деталните урбанистички планови. Но, тоа не е можно за една две парцели, туку за поширок простор затоа што треба да се третира улицата, пристапот, содржината и околните објекти, силуетата на улици… Нужно е за измена да се преземе зафат од најмалку еден хектар. Граѓаните се упатуваат до лиценцирани изработувачи, кои кажуваат за колку пари се подготвува измена на деталниот урбанистички план. После процедурата се одвива за најмногу шест месеци. Тоа не е многу за ваква документација. Затоа граѓаните треба да се здружуваат и да градат заеднички објекти, на повеќе катови, како во другите градови. Граѓаните не се организираат меѓусебно или да му ги дадат парцелите на инвеститор под соодветни услови. Сопствениците некогаш ги преценуват просторите и затоа стојат плацевите празни. Со тоа губат сите, а градот не изгледа како привлечна архитектонска целина.

“Изместена” Старата чаршија

Со измените на фасадите, габаритите, излозите, па и дејностите во Старата чаршија, “изместена” е чаршијата. Не е веќе стара, туку е нешто друго. Затоа е нужно да се бара нов начин за размислување, оти чаршијата е веќе нова. Затоа да се најде либерален начин да се обликува премин од стара во нова чаршија. Тоа подразбира, ако некој сака да го задржи ликот, да има и можност, државата да учествува со средства. Сега се префрла “топката” од еден на друг, а чаршијата се нагрдува. Впрочем, со исчезнувањето на старите занаети, и со отворањето на кебапчилници, бутици, кафетерии, не може да се зборува за стара чршија.

Loading