ВО ПРИЛЕП ИГРА ЌОТЕКОТ

Одбележан Меѓународниот ден на насилството врз жената – 25 ноември

Потребна е комисија за социјална заштита во Советот на општината и Локален совет за превенција од семејно насилство

Од идната година ќе започне дејствувањето на групите за самопомош 

Секоја четврта жена во Македонија е жртва на некој вид насилство. Во Прилеп, секоја трета почувствувала непочитување на женските права. Дури 95 проценти од регистрираните жртви доживеале физички напад од партнерите. Следува психолошкото насилство, економското, а со најмал процент е застапено сексуалното насилство. Ова се податоци кои ги пласира Министертвото за труд и социјална политика за одбележувањето на Меѓународниот ден на насилство врз жената – 25 ноември.

Нема шелтер центар и СОС телефон

Во Македонија во периодот од јануари до септември се регистрирани околу 598 жртви на насилство, од кои околу 374 се жени, 79 мажи и 45 деца. Меѓу бројните женски организации и здруженија на граѓани кои го третираат проблемот со женското насилство, Здружението за помош на социјално исклучени лица и ризични групи “Скорпион” инцинира и конкретни активности во сузбивањето на насилството врз жената. Во “Скорпион” досега се пријавени 40 случаеви на семејно насилство, од кои 30 се физичко насилство.

– Најчесто жените не пријавуваат шлаканица или две, туку кога ќе бидат буквално претепани. Има и случаи кога е потребно и лекарска помош и задолжителна ресоцијализација на жртвите. За жал, заради немање шелтер центар за прифаќање на жртвите, принудени сме жртвите да ги сместуваме во Скопје. Во градот нема ниту СОС телефон за заштита од семејно насилство. Причините најчесто се лошата економска состојба, љубомората, алкохолот и наркотични средства кај партнерите. Жртвите најчесто се децата од 13 до 17 годишна возраст, жените од 30 – 60 години, како и старите и лицата со посебни потреби – вели Рубинчо Аризанкоски, претседател на здружението “Скорпион”.

Од почетокот на 2011 г. ќе започне да дејствуваат и групите за самопомош каде ќе учествуваат и жртвите.

– Акцент ќе се стави на децата, кои се жртви на насилството во семејството. Во групите за самопомош ќе бидат вклучени и социјален работник, психолог, педагог и психијатар. Целта е преку социјални игри да се ресоцијализираат децата и д а се вклат во средината. Лицата кои на сопствена кожа го почувствувале насилството, полесно ќе може меѓусебно да си помогнат – вели Аризанкоски.

Се игнорира Националната стратегија

Покрај делувањето со едукативни трибини, семинари, од невладиниот сектор апелираат на поголемо ангажирање на заедницата.

– Локалната самоуправа, според Националната стратегија за заштита од семејно насилство, е обврзана да формира Локален совет за превенција од семејно насилство со претставници од институциите и од граѓанскиот сектор. Во рамките на Советот на општината треба да се формира Комисија за социјална заштита, која ќе ги третира проблемите на социјално загрозените лица, ранливите групи и намалување на сиромаштијата. Треба да соработува со НВО во унапредувањето на социјалните права на граѓаните и да подготви програма за надминување на социјалната инклузија – вели Аризанкоски.

Одредени анализи укажуваат на тоа дека македонските мажи не се грижат премногу за здраво семејство и поколение. Дури 490 случаи на насилство пријавиле социјалните институции, од кои 100 резултирале со судски мерки. Кампањата за борба против насилството врз жените трае до 10 декември, а е поддржана од Обединетите нации.

Насилство и надвор од домот

Покрај семејното, жената е изложена и на насилство надвор од домот.

– Во Прилеп имаме 10 случаи на мобинг врз жени на работното место, најчесто во текстилната индустрија. Девојките трпат насилство од момчињата во училиште, на улица… Постои и дискриминација на работно место и на етничка основа – вели Аризанкоски.