БЛЕСОК НА СТАРИОТ МЕБЕЛ ЗА СИТНИ ПАРИ

Тапацерија со 40 годишно искуство “Камче промет”

Мебелот не само што го репарираат, туку му даваат и друг дизајн, изглед

За сериозен инвестициски зафат треба малку да се намалат стегите на банкарскиот систем

За прилепската фирма “Камче промет”, која се занимава со производство и сервисирање на тапациран мебел стои четиридеценско реноме. Мајсторија е враќањето на “сјајот на стариот мебел” со тапацирање. Со таков бонитет, помладиот сопственик, Василе Камчески, освојува и одржува муштерии не само во градов, дури и во околината веќе 15 години. Темелите на занаетот ги поставил татко му, а синот во новиот објект и во дуќанот го продолжува семејниот бизнис во близината на текстилната фабрика Билјана. Занаетот го “наследив” од татко ми, кој уште е тапацер. Почнавме од мало дуќанче. Потоа сфатив дека има простор за развој на бизнисот и се ширев. Зедов простор и изградив објект кај индустриската зона, кај текстилната фабрика “Билјана” и ја реализирав идејата првин да ставам саглам “покрив”, а после се раздвижи бизнисот со побрз интензитет. Првите години не можевме да “навасаме” – раскажува за почетоците за подемот младиот Камчески.

Бизнисот е и иновација

Првин бизнисот добро одел, но последниве години забавено е темпото на подем, паралелно со односите во економијата во земјава. Тешка е реалната слика на населението и економијата. Затоа сега “крпиме” и го одржувам занаетчискиот бизнис на тапацирање на каучи, гарнитури, фотелји, легла во спални, столици, односно сé што се тапацира од мебел. Работиме и на освежувања и дозволени промени на дизајнот на мебелот во соработка со муштериите. Бизнисот е и иновација. Излегуваат разни модели и нужно е да се следат саеми, тренд на мебел и штовови. Мебелот не само што го репарираме, туку му даваме друг дизајн, изглед. Не го враќаме во истата форма и изглед, туку му даваме и друга креација да бидат муштериите задоволни. За мала инвестиција која може да се плати и на рати претвораме стар намештај во нов кој ќе се користи повеќе години – вели младиот тапацер со не мало искуство, Камчески.

Плаќање на рати – терет за бруто плати

Конкретно сервисираат стар мебел во не толку силна конкуренција, и тоа во време кога мебелот е скап, а стариот може да се реновира, да се редизајнира и дотерува подобро од нов за најмалку половина цена. Конкуренцијата не ја чувствувам и не ми е пречка. Имаме мака со бруто-платата. Вложуваме во муштериите со плаќање на рати, а придонесите треба да ги платиме веднаш. Не се вади доволно да се платат давачките на државата навреме. Тоа е товар. Не е добро за малиот бизнис. Затоа се намалија и вработените, а бевме седуммина – негодува Камчески. За развој на бизниот вели дека има деловен простор, но за атмосферата е скептичен. Смета дека кредитите се скапи. Располагам со 2000 метри квадратни и доволно техника. Но, за сериозен инвестициски зафат треба малку да се намалат стегите на банкарскиот систем. Не се добиваат поволни кредити иако располагаме со гаранции од капитал. Ако банка даде 30 илјади евра кредит, потребни се плати од илјада евра. Ако земам толку плата, немам потреба од кредит. Прескапи се кредитите. Бараат камати по 12 – 13 проценти. Да се пет-шест, е друга песна. Друго се размислува за купување на машини за почеток на ново сериско производство. Со каматните стапки на кредитите, сега може да се заглави и да се потоне во долгови, оти заработувачката е мала и тешко се опстанува. Скокнати се цените на репроматеријалите. Нашиот дел е останат на ниско ниво. Има малку “луфта”, иако материјалите се купуваат на големо од Турција, макар што речиси сите материјали ги има од наша продукција. Сé на сé, има простор за прогрес – објаснува Камчески. “Камче промет” се оптимисти, оти има перпектива за напредок на бизнисот со тапацираниот мебел, зашто е секојдневна потреба, што не престанува, како храната.

Loading