ПРВО ОПОМЕНА, ПА УДАР ПО ЏЕБОТ

Комуналната инспекција става ред во градот

Казната е 50 евра ако се плати во рок од осум дена, а во спротивно се дуплира на 150 евра, или може да се одработи 

 

Градот е чист, прилепчани се воздржуваат од фрлање отпадоци, го почитуваат Законот за јавна чистота. Внимаваат каде и кога може да цепат дрва, да перат килими надвор. Се отстрануваат хаварисаните возила, се тргаат од тротоарите и скелињата. И плочникот е чист. Нема диви тезгиња со разни дребулии, нема ниту стока пред дуќаните. Сé на се, полека Прилеп наликува на уреден град во кој законот функционира, а редарите и комуналните иснпектори се трудат да се почитува словото на законот, да предупредат и казнат.

Или пари или работа за прекршок

На терен постојано се двајца комунални инспектори и петмина комунални редари. Најчесто граѓаните исфрлаат градежен шут, ѓубре пред куќата, пред дворовите, на улица. Прво се опоменуваат, а потоа казнуваат. Казната е 50 евра и може да се плати за осум дена. Во спротивно со прекршочна пријава, казната станува 150 евра, или да се одработи во “Комуналец”. Нашиот град е град на тутунот. На некои места замолчивме. Се оставија скелињата, но време е да се подигнат. Инспекцијата е на терен, се опоменуваат усно и писмено. Доаѓа период на поинтензивни дождови и снег, па тротоарите треба да бидат чисти. Полицијата треба да не дозволува да се паркираат автомобили – вели Блаже Димески, раководител на Сектор – Инспекторат при ЛС. Најмногу во есенските денови и на пролет, се појавува крупен добиток на јавните зелени површини. Коњ, магаре или крава може да се види на јавна површина, но и кучиња Заедно со шинтерската служба, се дава налог и се одзема крупниот добиток. Шинтерската служба работи во ноќе на заловување кучиња по закон. Кучето се фаќа и потоа се носи во “Комуналец”. Решение е сите кучиња да бидат обележани за да се открие сопствникот и да се казни. Има повеќе кучиња отколку што може да се заловат, а нема ни средства. Се појавија до 80 кучиња. Граѓаните да не ги пуштаат кучињата кои не можат да ги хранат. Имавме случај кога човек кој ги заловуваше кучињата беше нападнат и не можеше сам да се справи со кучето – вели Димески.

Нема кози и кокошки в град

Се опоменуваат и граѓаните кои се обидуваат на периферијата да чуваат петли, кокошки, крави, кози. Имаме отстрането бруцелозно стадо овци, одгледување на прасиња в центар. Поголема ингеренција има ветеринарната инспекција која треба да биде поагилна. Комуналниот инспектор опоменува, укажува, а здружението на комунални инспектори сугерира дека потребни се поригорозни санкциии за оние кои чуваат добиток – вели Димески. Комуналната инспекција има надлежност од прометните површини да ги отстрани нерегистрираните и хаварисаните возила. Граѓаните, доколу имаат стари возила, слободно да пријават во инспекторатот и ќе ги отстраниме. Тешките товарни возила на јавните површини и тротоарите се во надлежност на полицијата – вели Димески. Согласно Законот за јавна чистота, граѓаните кои набавуваат јаглен или дрва треба од Секторот за урбанизам да добијат потврда и за 24 часа да ги внесат дома. За оние кои не се придржуваат, изрекуваме опомени, казни, особено кога се затвора улица. Ќе бидеме поригорозни. Инаку, по закон дрвата треба да се купуваат на кило – вели Димески. Според него, на Прилеп му треба градски клозет во центарот. Предлагаме да се направи подземен клозет в центар и со пумпи да се исфрлаат фекалиите, а “Комуналец”, на пример, ќе наплаќа за услугите – вели Димески.

Loading