МОДЕРНО ОГНИШТЕ

Со “Дом дизајн”

Технолошкиот вишок од Микрон, алатничарот Борис Димчески создал фирма за современ мебел, на која и недостасува работен простор 

 

Преуреден дом, ентериер по сопствен и стручен дизајн или по нарачка, може да се добие од фирмата “Дом дизајн” во сопственост на Борис Димчески. Кујни, детски, спални, канцелариски мебел, елементи за дневни соби и друго, без тапациран, е ориентацијата на производството веќе десет години. Од богатата палета на “Дом дизајн” произлегува модерен, современ мебел, со интересни линии, квалитетен и лесен за одржување. Почнал со токарење мали масички за цвеќиња, за телефони, за огради и слично уште пред 15 години. Бил алатничар, кој занает му помогнал да стане виртуоз во обработката на иверица, медијапан…Сега му недостасува простор за развој. Идејата дојде малку порано, во 1993 година. Ме испуштија од Микрон, каде бев алатничар од 1982 година. Тоа е занает за трпеливи и прецизни луѓе. Алатничарството е основа на било кој друг занает. Така не беше проблем и да произведувам мебел. Со секојдневното гледање по домовите, никна идеја да се направи нешто поубаво по ентериерот, првин за дома, после и за “пазар”. Тргнав со токарење и излегоа масички, шанкови… – објаснува Димчески. Но токарениот мебел бил тежок за одржување. Граѓаните сé помалаку го барале, иако има значење за внатрешни скали во куќи и ногалки за маса.

Сами креираат и дизајнираат мебел

Фирмата ја формирал во 2000 година. Сега располага со широка и модерна техничка поддршка, од машини за кроење, шприцање, помагала… Од еден, “стасавме” двајца, тројца пак и повеќе вработени за производство. Сами креираме, дизајнираме. Како полесно да ни доаѓаат идеи, а работиме строго по нарачки. Ретко се продава нешто готово и да ја “погодиме” желбата на муштеријата, поради просторот. Сега луѓето бараат други финеси, а не како порано кога мебелот беше универзален, стандарден, гарнитура, спална и сл. Секаде беше исто по димензија, само местата различни. Тоа е предност, но веќе е надминато. Сега најбитно е да се искористи просторот максимално во сите соби со плахари, претсобје, да биде функционално и лесно за одржување и чистење. Со цените сме солидни, макар што нема закон со конкуренцијата – вели сопственикот Димчески. Брзи се и ефикасни во преземените обврски, особено каде се бркаат куси рокови, зашто зборот за рок и квалитет е “закон”. Покажуваме разбирање од муштериите и завршуваме навреме, се разбира, што е во наша моќ. Клиентите се коректни, макар што има ретки кои не сакаат да плаќаат, а некои да одат преку ред. Технологијата оди напред, а со тоа и вкусовите, но и проблемите за нас. На големиот избор, луѓето не можат лесно да се определат. Има различни дезени плочи од иверки и други елементи за мебелот. И тоа создава проблеми при изборот и порачката – објаснува Димчески.

Мебел без прашина бришење

Мебелот се бара постојано, во текот на целата година. Не е стока која има сезона. Постојано има мажачки, женачки, а не ретко и постари двојки го освежуваат домашниот амбиент. Во тренд е црвен, црн, бел мебел. Најчесто тоа го диктираат новите дезени на тапетите, бојата и формата на теписите. Тие бои се актуелни и поексклузивни. Помалку проблеми имаме кога работиме за Скопје, отколку за Прилеп. Овде и да сакаат помладите, ќе биде сé како што ќе решат постарите. Повеќе мебел земаат новопечени двојки. Младите најчесто бараат мебел лесен за одржување да не бришат прашина. Има прилепчани кои постојано ја “освежуваат” фирмата – вели Димчески. Иднината на фирмата ја гледаат во обезбедување на сопствен простор за продажен салон и работилница. Посакуваат да станат кредитоспособни и ги решат просторните маки.

Loading