Т’ГА ЗА ПРИЛЕП

Потомокот на аптекарското семејство Симиџиоски, Даниел Мелвил се врати од Швајцарија дома 

Пензионерските денови ги минува во преводи на својата необјавена литература 

 

“Се вратив по 42 години од Швајцарија со сопругата Даниела, со француско потекло, оти се чувствувам Македонец и патриот. Таму живеев физички, но секогаш во срцето ми беше Татковината, Прилеп. Емотивно живеев во Македонија. Ме влече Прилеп. Никогаш не го заборавав. Бев носталгичен. Што би рекол Миладинов, “т’га за југ”. Вака ја отвора душата 72 годишниот повратник од Швајцарија во родниот град, Даниел Мелвил, чие презиме по родителите му е Симиџиоски. Тој е потомок на аптекарската традиција на семејството Симиџиоски, а новото презиме го зел од практични причини. Веќе пет години “пак” е прилепчанец. Пензионерските денови ги минува во градот на својата младост по 42 години гурбет во Франција и Швајцарија. Бил градежен работник, дератизер на париската канализација… Работниот век го завршил како промотор на медикаменти за швајцарска компанија, одржувајќи ја семејната традиција на фармацевти, носена од дедо му и предадена дури на неговиот син Дамјан, кој загинал во Швајцарија пред 20 години. Неколкупати доаѓал во Прилеп, но се враќал пак. Располага со дарба за пишан збор, што се гледа од богатиот речник при разговорот. За сопствената душа пишувал раскази и друга литература на француски. Сега ја преведува на македонски, создавајќи материјал за печатење.

Прилеп е претворен во друг свет 

Не му е лесно да ја одреди разликата меѓу Прилеп и Швајцарија. Заминав од еден свет во 1959 година и се вратив во Прилеп пред пет години во друг свет. Тешко ми беше, но врската, како папочна, никогаш не се скина, иако многу пријатели од гимназиските денови починале. Првин ми беше малку непримамливо. Светот кога заминав беше еден, а сега Прилеп е друг град. Локалните власти вложуваат напори да го подобрат изгледот. Градот е демократски, како целата земја. Може слободно да се зборува, што во времето на диктатурата на пролетерјатот не можеше ни да се сонува и за што луѓе беа затворани. Се радувам што градот расте, се развива, се дотерува, се градат улици, булевари, плоштади, современието влегува со брзи чекори. Со сопругата живееме повлечено, оти таков ни е табиетот. Задоволни сме и среќни – вели Даниел. Пензионерските денови Мелвил ги минува во преводи на свои разкази, романи, политички сатири за денешнинава, кога светот тргнал на уживање и така може да пропадне, фантастика, авантури што сам ги создавал на француски. Малку има отпечатени литературни трудови на француски јазик, оти пишувал за лично задоволство. Бев инспириран да пишувам за Македонци, за животот на наши луѓе, на туѓ, на француски јазик. Ги преведувам десетиците текстови со различни тематики – објаснува Мелвил. Тој потекнува од фармацевтско семејство. Дедо му Дамјан бил аптекар завршен во Лиеж, во Белгија. После и татако му Ицко бил аптекар. И Даниел сакал да ја продолжи традицијата преку медицината, но успеал преку промоцијата на лекови во Швајцарија. За жал, неговиот син Дамјан, кој исто така бил фармацевт во Швајцарија загинал во сомнителни околности.

Политички азил 

Заминал во Франција во 1959 година, по прекинот на студиите по медицина во Белград, поради недостиг на средства и недоразбирања со семејството. Првин живеев во Ница. Бев градежен работник, а живеев манастир. После во Париз добив и политички азил без никакви политички мотиви, оти немаше друга шанса да го легализирам престојот. Не бев комунист, ниту антикомунист. Можеби ми помогна едно писмо од некој француски генерал со кого комуницирал дедо ми, а јас го носев да ми се најде. Го покажав и добив документ за законита работа. Работев во Париз на заштитување од ‘рѓа на челични конструкции на поштенски и телевизиски конструкции на височини. Бев и на бродоградилиште во Авр. Ја дератизирав париската канализација. Оти бев релативно писмен човек со матура, се вработив на контрола во фабриката Цитроен во Париз – кажува Мелвил. Таму запознал повеќе политички емигранти како Цветковиќ од последната предвоена влада. Имало малку политички емигранти. Некои сакаа да нé научат дека не сме Македонци при добивањето на визите. Дојде амнестијата на политичките бегалци, иако не знаев ништо од политика, освен за Македонија. Се вратив дома без проблеми. Влакно не ми фалеше од главата. Не најдов работа и заминава во Швајцарија да се најдам со свршеничката. Таа почина и ми го остави синот Дамјан, кој загина во 1990 година – вели тој. Студирав фармација, но не завршив од сомнителни причини. Но, станав фармацевтски промотор и работев до пензија. Застапував повеќе фирми на промоција на предимствата на лековите. Претставував лекови кај матичните и другите лекари за повеќе компании – раскажува Даниел Мелвил, прилепскиот сонародник, кој се вратил дома да ги остави “коските” на родната грутка.

Французинка прави ајвар 

Сопругата Даниела Мелвил се согласила да живее во Прилеп, по завршувањето на работниот век како професорка по повеќе предмети поврзани со филозофијата. Веќе разбира македонски. Ја совладала и македонската кујна Подготвува вкусен ајвар со денови, без нервоза, туку во релаксирана атмосфера. Ја сакам Македонија. Ме потсетува на начинот на живеење во провинцијата кога бев дете во Франција. Фамилијата има важност. Извесни вредности се почитувани. Луѓето се недисциплинирани, но знаат да живеат. Топли се и блиски, љубезни и гостољубиви. Ми се допаѓа животот. Се чувствувам релаксирана, оти живеам како што сакам, без ограничувања, слободно. Овде правам нешта што никогаш не би ги правела во Швајцарија – вели таа, која е воодушевена од Старата чаршија со ориентален амбиент. Била во повеќе градови, на гробовите на Ордан Пиперката, местото на загинувањето на Ѓорѓи Сугаре… Дојде сестра ми и го бендиса ајварот што сама го правам. Сега сами печат црвени пиперки прават ајвар во Швајцарија. Бендисувам ширдени. Не научив да ги готвам. Главно се храниме со македонски манџи – вели Даниела, која, со сопругот Даниел, двапати ги слават, по католички и по православен начин, Велигден и Божик.

 

Loading