“РИБА ВО ВОДА” КАЈ ЕЛЕКТРОИНСТАЛАЦИИТЕ

Електроточила чекори 20 години во приватниот бизнис

 

Респектабилна и стручна фирма со особено познавање на осветлувањето на градски сообраќајници 

 

Една од фирмите во услугите и производството со подолг стопански стаж од речиси 20 години е Електроточила. Со трансформацијата на општествената сопственост и со офанзивата на приватниот сектор, никна претпријатието на темелите на способностите и искуството во електроинсталациите на сопственикот Лазо Дамјаноски. Кога на сите им се треселе коските да побегнат од комоцијата на државните јасли, сопственикот на Електроточила храбро влегол во ризиците на приватната иницијатива.. И не згрешил. Кренал фирма со респект кој веќе има свој имиџ и препознатлив знак создаван со години. Фирмата е крстена по името на првото живеалиште на Дамјаноски во Точила, со предзнакот дека се занимава со електроинсталации. Иако домот сега е на друга локација, остана непроменето името со пораснато реноме.

– Првин се занимаваме со инсталации и трговија на електроматеријали, водовод и парно греење. Се проширивме во прометот со бела техника. Од еден, отворивме уште еден дуќан. Стасавме до магацин и техника за инсталација на електромрежи по станбени и деловни објекти, со акцент на уличните осветлувања со корпа за поставување на инсталации на височини. Веќе броиме 14 работници – вели сопственикот Дамјаноски.

Гордост е осветлувањето во Варош  

Поголеми зафати им се осветлувањето на катната гаража, потоа задоволство им претставувало поставувањето на осветлувањето на Арт плоштадот иАлејатана славните пред Центарот за култура. Гордост им е осветлувањето и канделабрите на патеката кон манастирот Свети Арахагел Михаил, каде бил пуштан кабел од 1400 метри на непристапен терен, во гранитни карпи. Со квалитетот на стручниот кадар, со ангажиран електроинежер и со лицената, успеваат да се верификуваат на пазарот како стабилна фирма, која одговорно им припаѓа на преземените обврски и навремено ги окончува со висок квалитет и гаранција. Ме влечи работата и постојано сум на терен. Занаетчија сум. Љубопитен како се изведува, оти тоа ми лежи, тоа е мое поле на познавање, мој фах на знаење каде сум како риба во вода – вели Дамјаноски. Смета дека сите зафати им се предизвик. Нема лесни или тешки објекти, нема предизвици. Пристапот е стручен и на мал и на голем објект. Среќни сме кога безгрешно ќе го финишираме некој објект. Добро завршената работа “рани”. Задолжени сме за осветлувањето во градот. Не се чека по списоци за сменување на ламба како порано. Се интервенира по инструкции на човек од локалната самоуправа веднаш или им укажуваме каде е нужна промена, каде е темно. Граѓани се јавуваат, оти нé гледаат со корпата при менување на светилки на високите столбови – информира Дамјаноски.

Електроинсталации – преокупација 

Преземаат покомплицирани електроинсталации со ПТТ и интрнет мрежата. И тоа го следат и вградуваат во системите. Се жалаат на нелојалната конкуренција, која им ги презема работите за пониски цени, без гаранции и законско и техничко обезбедување.

– Диви електричари без лиценца, да не речам налбати, без давачки конкурираат и се ривали. Тоа е пречка во развојот и вложувањата – вели Дамјаноски.

Трговијата со бела техника ја згаснуваат. Постепено се селат кадровските и технички потенцијали во електро инсталациите, одржувањето и поставувањето на улично осветлување. Сметаат дека веќе не се исплати трговијата, оти се бара на рати, се не се плаќа. Не се исплати да се оди по судовите, оти давачките се четири-петпати повисоки од главнината да се дојде до наплата. И на крајот, и тоа не е гаранција. Не им годи одложувањето на законот за извршување. Наеднаш не ја напушта трговијата, оти не се става тукутака клуч на врата, иако се високи кириите.

Loading