ВЕРНА СЛИКА НА СУДОТ ДАВА АКМИС

Интервју со Јане Тренчевски, претседател на Основниот суд

 

Програмата нуди комплетна транспарентност за дејствијата во секој предмет во секој момент 

 

Јане Тренчевски е новиот претседател на судот од март годинава. Пред крајот на летната судска ферија што завршува деновиве, интересни се неговите одговори за актуелните прашања во прилепскиот суд, почнувајќи од стручноста, ажурноста, ефикасноста на судиите и организацијата на храмот на правдата, финансиите, нерешените предмети, осовременувањето…

Пет месеци веќе сте на чело на судот. Во каква состојба го наследивте? 

– На првата фотелја во прилепската куќа на правдата седнав со четири милиони денари долгови. Настојуваме обврските да ги исплаќаме навреме, за што постои судски буџет со одредени квоти. Финансиските тешкотии не е само прилепски, туку во сите судови. Наследив околу 25 илјади невнесени предмети во компјутерот во програмата АКМИС. Тоа е програма која е замислена да изведе транспарентна работа на судот и да се исклучи физички контакт со предметите. Тоа подразбира да се има на располагање секој предмет кога е влезен во процедура, какви дејствија се преземени, да не заталка предметот и да не се знае правната судбина. Програмата дава целосна слика за предметите во судот и овозможува сите да бидат на увид во секој момент, кога се удира парвосилност, сите пресуди, сите рокови… Сето тоа го има на дланка и Републичкиот судски совет и не треба да се шурка во фиоки и да се бара со денови предметот. Меѓу колегијалните односи се на завидно ниво. Некои спорни прашања се решаваат во кривичниот или граѓанскиот оддел и на колегиум! Секој судија ги извршува работните задачи и ја остварува нормата. Конечно зборуваме за правда, а таа е безмилосна. Судијата пресекува, а неговата работа подлежи на контрола во Апелација. Судскиот совет ги оценува судиите според број на решени, на укинати предмети. Затоа секој судија нужно е да е стручен и квалитетен, да не му се укинуваат предметите и да се труди да го совалада приливот на предмети, да биде ефикасен, да добие позитивна оценка од РСС. Судијата мора да внимава стопроцентно, бидејќи тој е одговорен за одлуката, оти е независен, неприкосновен и комплетно самостоен. Судијата не треба да води сметка за администрирањето. Да не се занимава со достави. Тука е претседателот, кој ги презема останатите ингеренции на дисциплинирање. Судската полиција не смее да пушта странки без најава кај судиите, оти се работат комплицирани случаи. Располагаме со доволно простории, секој судија има своја судница и записничар.

Каква е состојбата со заостанати предмети? 

– За старите предмети има комисиии. Секој месец ги совладуваме новите приливи и ги средуваме старите предмети. Прилепскиот суд е еден од поажурните и поквалитетните во битолското апелациско подрачје. Располагаме со одличен состав на судии со долгогодишно искуство и потврдена стручност и компетентност. Тие можат да се носат со ова време. Потврда се извештаите на кои се добиени одлични оценки од РСС. Недостасуваат само два-тројца записничари. Тоа не е посебна пречка за функционирањето на судот. Одмина времето кога еден записничар работеше за повеќе судии, бидејќи еден записничар може да се специјализира за граѓански предмети или кривични, а ако се распоредуваат “лево – десно” се создаваат проблеми.

Дали недостасуваат стручни соработници? 

– Има нова агенда на Министерството за правда, што подразбира секој судија да има свој соработник. Тие да не се прераспоредуваат секоја година. До Нова година очекуваме ангажирање на стручни соработници, иако и сега располагаме со стручни соработници.

СРЕДА – ДЕН ЗА ПОПЛАКИ

Во доменот на претседателот на судот се преставките и поплаките на граѓаните?

– Организиравме секоја среда да биде приемен ден кај претседателот. Дел од граѓаните сметаат дека се одолговлекуваат некои предмети. Претседателот не смее да се меша во одлуките на судијата, туку нужно е предметот да се движи. На поднесените претставки се одговара за 24 часа. Некогаш странките не можат да разберат што е процесно дејствија, оти се врзани со рокови, вештачења. Битно е да знаат дека предметот се движи, се закажува нов претрес. Претседателот може да влијае кај судијата да се закаже побрзо предметот, но одлуката е исклучиво во доменот на судијата. Кога граѓаните се доведени во состојба на повреда на нивните права, тие по закон се должни тоа да го направат конкретно, а не апстрактно.

ПРВ ПОПИС НА ИЗВРШНИ ПРЕДМЕТИ

Каква е судбината со извршните предмети?

– Во извршното одделение направен е прв пат комлетен попис на сите предмети. Има предмети од постар датум. Но, со оглед на тоа што рокот за пренесување на предметите од основиот суд кај извршителите и нотарите е продолжен за уште една година, во ова одделение е ангажиран уште еден извршен судија. Тоа значи дека двајцата извршни судии ќе можат да ја намалат вкупната бројка на нерешени извршни предмети.

Loading