“МОРЕ” ВО БАЗЕН, ЏАКУЗИ И ЛИЗГАЛКА

Прилепчани се освежуваат во три базени

Адекватна замена за класичните плажи за малку пари 

Кристално чисти води со лежалки, чадори, нишалки 

 

Неколку стотици прилепчани го користат слободното време за релаксација во трите базени, бегајќи од пеколните горештини. Оние со поплиток џеб ја чувствуваат солта во вода во базенот Амфора, наместо на туристичките дестинации во Грција или Црна Гора. Останатите базани само ја филтрираат слатката вода, црпена од бунари. Од туристичките агенции велат дека годинава прилепчани малку затаиле “со летните шетања”. Помалку одмораат и во земјава, и во странство. Во анализите им стои дека влијаат стандардот и цените, но и повиските цени на тутунот, кои претставуваат магнет за прилепчани повеќе да се “капат на зеленото тутунско поле” со повремени разладувања по базените, отколку на модрото солено море. И тутунарите се нурнуваат во водите за оддишка од работните обврски.

Помодерниот начин на одгледување на тутунот со механизацијата, дозволува да скубне малку пливање и сончање по напорниот ден.

Од тутун, на базен 

Младиот 18 годишен прилепчанец Иван Стојаноски доаѓа секое попладне на базенот Сонце со другарите по машинското вденување на листовите на тутунот.

– Работата со тутунот е олеснета. Имам време да се одморам пред следниот ден. Прекрасно е, оти се слуша музика, се туркаме, скокаме во водата – уживаме. Полесно може да падне и некоја љубов во релаксирана клима крај базенот. Тутунот на 20 декари ме “ортомиса” да не одморам десетина дена надвор. И финансиите не ми се добра страна. Базенот е соодветна замена по дневната “борба со тутунот за леб”. Затоа, в зима ќе скиеме, со парите од тутунот – вели Стојаноски.

Мирко Илиески смета дека базените се адекватна имитација за морињата и езерата за младите без работа. Бил во Грција десет дена, но се “кашка” во водата на Градскиот базен со олимписки димензии секое попладне по работните обврски.

– Од детството ми е навика да се капам во градскиот базен. Своевремено беше единствен. Ме врзуваат убави спомени. Се враќам на младоста кога масовно, со друштво, доаѓавме на капење. Не се одделувам и на подоминати години. Чувствувам дека се полнам со енергија со едно скокање во водата и седенка под природните сенки пред следните работни обврски. Ме стемнува. Последен заминувам. Базенот сега е пријатно катче, збогатено терени за тенис, кошарка, мал фудбал, скокалници, лизгалки и мал базен за деца. За малку пари има релаксација и туркање на потта, создадена од високите температури – кажува Илиески.

Мирјана Мирческа со малата тригодишна ќерка ладовина наоѓаат во базенот Амфора.

– Привлечно е, оти детето се “брчка” во базенчето каде имам целосна контрола. Немавме шанси за одмор, па за 50 денари дневно, и нешто за кафе, минуваме пријатни мигови во разладување од горештините – вели Мирческа.

Соленета вода со тон сол 

Бинисмените со летни базени тријат раце. Менаџерот на Амфора Стојче Котески откри дека околу двеста посетители секојдневно уживаат во солените води на двата базени. Реновирани се базените. Трошиме по еден тон сол лете за доловување на “морскиот” амбиент. Инсталиран е соленизатор, кој солта ја разложува на хлорот и натрум. Главно се одмораат млади родители со деца од предшколска возраст. Кој нема шанса за плажа и море, базенот е вистинска супституција. Може да се сонува море за 50 денари. Овде има и тушеви со топла вода, лежалки, сонцебрани, столици и бесплатен безжичен интернет… Густирањето ладни пијалоци и кафе е ефтино и прилагодено на џебот на посетителите. За илустрација, еспресо чини 40 денари – кажува Котески. Концесионерот на градскиот базен Маркови Кули Борис Темоски создава езерска атмосфера под сенките на базанот со димензии 50х25 метри.

– ‘Срча, чиста е водата, оти се чисти со 16 филтри за секој четири часа. За сто денари дневно се добива незборавна забава и разладување од сахарските врелини. Поставени се лежалки и чадори за сонце. За забава, има тобоган, скокалници, лизгалки, вајрлес интернет врска… Цените се пристапни за тениското и за кошаркарското игралиште. За безбедноста се грижат спасители – вели Темоски.

Благоја Кусески, одговорен за базенот Сонце, е изненаден од посетеноста од над 350, главно млади дневно, кои ги користат забавните предимства.

– Горештиниве привлекоа многу граѓани во базените за возрасни и деца. Ако продолжат високите ноќни температури, ќе организираме и ноќни капења со жива свирка. Инаку, располагаме со нишалки, лежалки, сонцебрани… Видео и музичката атракција уште еден привлечен дел за забава. Пријатните моменти се доживуваат и со разладување во секогаш, чистата, како солза, филтрирана вода. Се игра и тенис, кошарка и пингпонг. Покрај тушевите со топла вода, тука е фитнес салата, џакузи, солариумот, масажа и сауна. Наплаќаме само 50 денари влез, а цените на пијалоците се симболични. Три топки сладолед во чаша чинат само 50 денари – кажува Кусески.

И затворениот базен со отворени врати на последниот кат од хотелот Кристал палас мелем за горештината. Капењето е дозволено исклучиво за гостите на хотелот.

Loading