ЛЕВО, ДЕСНО – ГРЕШКИ

Петар Драганов (1857 – 1928), Бугарин од Бесарабија, учителствува во егзархиската Гимназија во Солун. Со своето лично истражување и со помош на собран материјал, како вистински научник ги изложува своите погледи за македонското национално прашање. Докажува дека македонскиот јазик и македонската нација имаат своја посебност. Од учениците бара (секој од своето место) да му донесат барем по два текста од народното творештво и добил 1.200 примероци. Побарал и посебен речнички материјал и добил 164 речничиња. Тоа му послужува за да тврди дека македонскиот јазик не е бугарски.

Но, да му се заблагодариме на Драганов и да не пишуваме реферат за него. Ова ни послужи за вовед во овој напис. Кога би ни поставил сега некој таква слична задача, да забележуваме јазични грешки, треба да носиме со себе повеќе тетратки. Грешки – насекаде околу нас. Каде и да се завртиме.

Голема и убава колонијална продавница. Кошницата в раце и чекаме во редот. Сакал не сакал, човек разгледува наоколу. Десно од нас убаво уредени полици. Со разна стока. Испишани цените и имињата на артиклите. На едно место читаме – кујнски БРИСАЧИ. Не можевме да го напуштиме редот и да се приближиме да видиме дали се тоа некои хартиени крпи или текстилни. Но во случајов, тоа воопшто не  е важно. Се прашуваме, зошто БРИСАЧИ а не БРИШАЧИ. Па нели со нив се брише а штом е така тоа се БРИШАЧИ. И оние БРИШАЧИ на ветробранското стакло на автомобилите нашиве луѓе ги викаат – БРИСАЧИ. Зошто?!

Кога се подигаат пензиите пред шалтерите во банките, редиците се големи. Човек нема што да прави. Единствено, разгледува наоколу и чека да му дојде редот. Кога ќе се приближиме до шалтерот, паѓа в очи предупредувањето испишано на стаклото. Со убави, црни букви пишува: “ПОСЛЕ напуштање на шалтерот рекламации не се примаат”. Во нашиот јазик зборот ПОСЛЕ е прилог а не предлог. Прилог за време. Еве една ваква реченица – “Ќе дојдам ПО парите ПОСЛЕ”. Конкретниов текст испишан на шалтерот треба да гласи – “ПО напуштање на шалтерот рекламации не се примаат”. Значи ПО а не ПОСЛЕ. Блаже Конески во својата Граматика пишува : “Доста често се среќава во предлошка служба и прилогот ПОСЛЕ, но таа негова употреба треба да се избегнува. Не би требало да се пишува ПОСЛЕ мене, ПОСЛЕ година и сл. Ами ПО мене, ПО година”. Значи, Конески не вели дека мора така туку дека е подобро така. Е, па, зошто ние да не го избереме подоброто. Всушност, и пологичното и поточното.

Еве сме и пред неизбежниот мал екран. Имаме многу телевизии, но тоа не е важно. Грешки има на сите, насекаде. Седница на Парламентот. За погрешното акцентирање нема да зборуваме. Во писмена форма тој проблем тешко може да се образложува. Треба голем простор. Го слушаме излагањето на една госпоѓа пратеник. Излегува таа на говорница и доста нагласено вели дека имале извештај за УСВАЈАЊЕ. Ова не е само нејзина грешка. И многу нејзини колеги, во многу наврати објаснуваат за некакво УСВАЈАЊЕ. Независно дали се тоа некакви извештаи, некакви заклучоци и сл. Но, зошто УСВАЈАЊЕ? Нашиот глагол гласи УСВОЈУВА (усвојувам, усвојуваш, усвојува). Глаголската именка ќе биде УСВОЈУВАЊЕ. Но, ете, нашите пратеници УСВАЈААТ.

Споменатата госпоѓа пратеник, понатаму во своето излагање цитира некоја некогашна констатација, некаков заклучок : ”ЕДИНО Македонија и Словенија ги исполнуваат условите”. Оваа грешка ја слушаме многупати и од многумина. Зошто овие луѓе неможат да сфатат дека македонскиот збор гласи – ЕДИНСТВЕНО а не ЕДИНО?!

На една телевизија следиме емисија во која докторот објаснува за разни болести. Тоа е Д-р Оз. Се разбира, тој зборува на англиски но ние слушаме македонски превод. И што ќе чуеме? Американците биле многу ГОЈАЗНИ. Грешка е тоа. ЗГОЕНИ, ДЕБЕЛИ, УГОЕНИ, тоа се нашите зборови. Именките се УГОЕНОСТ, ЗДЕБЕЛЕНОСТ а не ГОЈАЗНОСТ.

И што ни останува нам?! ЕДИНСТВЕНО така да ги забележуваме грешките а оние што ги прават си продолжуваат со тоа.

Не би требало! Не се тоа случајни луѓе!

Благоја Ивчески

Loading