ДОКТОР (Д-Р) – ДРУГАР (ДР.)

Постои едно големо колебање кога треба да се напише скратеницата од именката доктор. Некои пишуваат ДР. , некои Д-Р, а некои Д-Р. (со точка). Кое е правилното? Лутаат луѓето. Често одат во погрешна насока. Во Здравствениот дом (Уредот) сме сретнале напишано и ДР. И Д-Р. Дури и во истиот ходник. На едната амбуланта е напишано Д-Р, а на другата ДР. Регулирано е тоа, но ете, не го знаат сите. Веднаш да кажеме. Кога треба да се употреби скратеница од именката доктор се пишува Д-Р, без точка. Значи, земени се првата и последната буква од зборот. Имаме и скратеница ДР. со точка на крајот. Таа се употребува, ако треба да се скрати именката другар. Во времето на социјализмот именката другар беше често употребувана па според тоа честа беше и скратеницата ДР. таа скратеница може да се појави и во некои поинакви случаи. Може да се скрати и придавката ДРАГИ па дури и именката ДРАГАН. Се разбира, тоа може да внесе и забуна. Ако се напише ДР. Стојане, не ќе се знае точно, дали ќе биде ДРУГАР Стојане или ДРАГИ Стојане.

Важно е дека имаме две различни скратеници, добиени на два различни начина. Едното (др.) со скратување на зборот до првата самогласка и со точка на крајот. Другата (д-р) со поврзување на првата и последната буква, со помошта на цртичка и тука нема потреба и логика да се става точка на крајот. Забуната со последнава скратеница доаѓа оттаму што во српскиот јазик тоа се пишува ДР, значи и таму се земени првата и последната буква од именката доктор, но меѓу нив не се става цртичка. Во македонскиот правопис, рековме дека двете букви се поврзани со цртичка. И во едниот и во другиот случај (во српскиот и македонскиот) не се става точка на крајот. Начинот на скратувањето е таков (на првата со последната буква) и затоа нема точка.

Накусо: ДОКТОР – Д-Р, ДРУГАР – ДР. (со точка).

Бевме на гости кај пријатели. Времето мошне топло. Требаше да ја соблечеме виндјакната. Домаќинката и вели на ќерка си “Оди чедо, закачи ја виндјакнава на ЧИВИЛУКОТ”. Одамна не бевме го чуле овој збор – ЧИВИЛУК. Додека не бевме пензиониран, додека работевме во театарот, често го слушавме тој збор. Таму доаѓаа актери и други соработници од други места, најмногу од Скопје, и често ја употребуваа таа именка. Но еве, сега, видовме дека таа си пуштила корен и уште вирее во нашиот јазик. А зошто ЧИВИЛУК, а не ЗАКАЧАЛКА? Домаќинката и вели на ќерка си да ја ЗАКАЧИ виндјакната на ЧИВИЛУКОТ. Тоа си е кај нас ЗАКАЧАЛКА, без разлика на формата и на материјалот од кој е направена. Таа и името си го добила од глаголот ЗАКАЧИ. А тој глагол кај нас спортските новинари го користат многу погрешно. Ако некој играч ја допрел, ја зафатил топката, тие велат дека ја ЗАКАЧИЛ со глава или со нога. Се разбира, тоа го слушаат од нивните српски колеги и без да размислуваат многу ја прават оваа очевидна грешка.

Слушавме изјава на познат адвокат. Вели дека тоа го кажал уште ПРОШЛИОТ пат, а еве сега ќе кажел уште ЕДНУШ. ПРОШЛИОТ пат се знае дека е МИНАТИОТ пат, а за она “Уште ЕДНУШ” не треба коментар.

Во една телевизиска емисија, седнати “карши – карши” двајца колеги. Двајца новинари – Миленко и Јанко. И двајцата “специјалисти” за македонскиот јазик. Во разговорот Миленко му објаснува на Јанко дека тогаш, во некое време, се разболел од ЖУТИЦА. Го изжалавме за болеста, ама го кудиме за јазикот.

ЖОЛТИЦА е тоа Миленко! Така се вика во македонскиот јазик.

Благоја Ивчески

Loading