ПРИЛЕП 2014 – КОНТИНУИТЕТ НА МИНАТОТО

Бранко Нешкоски, директор на ЈП за ПУП

Што предвидува Програмата на ЈП за ПУП за 2014 од аспект на урбанизацијата ако се има предвид се повеќето легализирани објекти, а од друга страна Прилеп беше меѓу првите градови кој пред две години го донесе ГУП?

– Одделението за урбанизам при ЈП за ПУП, во соработка со Секторот за урбанизам, во оние делови од градот каде се легализирани поголем број објекти, ќе настапи со ДУП со што ќе го оствариме и концептот на Владата за целосно покривање со прагматични и валидни планови. Задача ќе ни биде измената и надополнувањата на ГУП и прилагодување на актуелните текови. Над 100 хектари ќе урбанизираме во 2014 г. колку што и успеавме да обработиме во текот на оваа година. Ќе се откријат и парцели на РМ, а со кои треба да стопанисува општината. Има во поранешните фабрики, некаде парцели и до 10 000 м2, кои се погодини за мали и средни претпријатија, иако инфраструктурата е оштетена како во Партизанка, кај Сточниот пазар, просторот наспроти силосите и други. Урбанизацијата влече економски импакт. Новите градби бараат ангажирање на работна сила што е бенефит за општината.

Урбан  дизајн создадоа новите паркови кои што го разубавуваат просторот и се “бели дробови” на градот, ќе се продолжи ли во таа насока?

– Паркот на револуцијата ќе го “освежуваме” со нови содржини за анимирње на повеќе посетители. Студент на Денот на идеи предложи поставување справи за физички вежби. Ќе се збогати со водени површини, водопади со користење на бунарите и денивелацијата, со угостителски објекти, како и возобновување на Кермес, потоа летно кино на зелена трева. Ќе се изгради и скејт парк пред сала Македонија. Интересен проект е Паркот Врбеско маало, односно музичкиот, каде сите елементи од урбаната опрема ќе асоцираат на музика. Патеките се во форма на клавијатури со бело црни типки, оградата – петтолиние со виолински клучеви, урбаната опрема во форма на саксафони, клавири, сé да асоцира на музика. Ќе биде прекрасен простор за приредби.

За сообраќајното уредување, во функција се кружните текови?    

– Се уредува сообраќајниот тек од Макпетрол до Солидност со по две ленти -лево и десно, без зелен појас, а со кружен тек на крстосницата. Се работи проектот за кружен тек од Градежниот факултет врз основа на нашето идејно решение за речното корито со анекс на постојниот мост и 6 – те правци кај Табана. Откако ќе се пушти кејската улица долно маало, со ДУП предвидено е времените објекти да бидат на јавна лицитација  да се “поместат” в десно. Ќе се реконструираат мостовите со класичистичко решение, односно со балустради кај ОУ “Кочо Рацин”, како дел од  “Прилеп 2014”. Ќе се изградат и пешачки мостови меѓу ОУ “Кире Гаврилоски” – Вишне и на потегот “Кочо Рацин” кон Грчката Црква кои порано постоеле. 

Кога ќе биде готов просторот околу Градскиот саат?

– Иако е на мала површина, просторот под Саатот ќе добие ренесанса, нов живот, со намена. За одмор, покрај стогодишните дрвја кои не ги пресоковме по инсистирање на граѓаните, ќе се вклопат и веткачите со дрвени перголи. До Нова година ќе биде завршено партерното уредување, а перголите на пролет. Просторот е идеален за културен живот со сцена од 18 век. Продолжуваме со поплочувањето на ул. “Борка Талески” што е продолжение на плоштадот “М. Андонов – Ченто” до млечниот пазар. Ќе се уредат и цветните улици до Сити центарот. Со занаетчиските порти ќе се означи влегувањето во старата чаршија.

Покрај неколку годишната изградба на црквата Света Петка, паралелно се градат уште две маалски цркви и џамијата во Тризла?

– Наскоро ќе заврши градбата на карабината на Свети Петка, потоа ќе се измалтериса и после да се живописува, што го презема МПЦ. Внатрешно треба да се уреди и црквата во типската населба, а напролет ќе биде готова и црквата кај сала Македонија. Се гради и џамијата во Тризла.

Ќе има ли нови објекти за колективно станбено домување?

– Ќе почне ИЗОФАС да ја гради зградата кај Солидност со каскаден изглед. Теракота ќе гради висококатници кај касарната, Претпријатието за станбен простор веќе ја завршува социјалната зграда во Точила, а висококатници со деловен простор ќе има и на просторот од поранешната општина кој треба да се продаде. Во напредна фаза е градбата на автобуската станица, а КАМ ќе гради деловен простор на местото од млечниот пазар. Во 2014 г, ќе се посветиме и на тековното одржување на училиштата, на нивно партерно уредување, изготвивме решение за дворот на Гимназијата.

Каков Прилеп ќе добиеме во 2014г.?

– Продолжуваме со заокружувањето на градот, прилагоден на потребите на граѓаните. Ги средуваме неуредените делови, а новите треба да се одржуваат. Убаво е да се изгради, но треба и да се одржува, бидејќи на просторите циркулира живот.

СЛОНОТ, ЖАБАТА И ТАПАНЧЕТО ЗА ВОЗДИШКИ НА ТУЃИНЦИ

Кога Марковите кули ќе станат попристапни за туристите?

– За проектот со Слонот , Жабата, Тапанчето на Марковите кули, кои се дар на природата и е во ингеренции на Институтот, Завод и музеј и Дирекција имаме интензивна координација за изработка на детален урбанистички план со претходни конзерваторски решенија по законот за заштита на културното наследство. Тоа е атрактивен дел на градот со можност за туристички посети.

Loading