ПЛАНЕТАРНА ДОМИНАЦИЈА

Карате

Светската карате федерација (ВКФ) објави конечна ранг листа Карате 1 за 2013, а таму во категоријата кадетки во ката, прва е Маријана Димоска, втора сестра и близначка Мишела, двете од КК Ронин. Очекуван епилог е по успешните настапи на Премиер лигата во Салцбург, Австрија, каде Маријана освои сребро, а Мишела бронза.

Така во контото на Маријана се 630 поени, собрани на четири меѓународни натпреварувања. Прва беше на светскиот куп во Крф, втора на Истанбул ОПЕН и на Премиер лигата, а трета на Балканијадата во Крагуевац. Мишела има 466 поени после вторите места во Крф и во Крагуевац, третите во Истанбул и Салцбург.

Под близначките се каратистки од поголеми земји. Трета со 424 поени е Ема Браздова од Словачка. Натаму следуваат мајсторки на ката од Италија, Белорусија… Меѓу 30 рангирани нема други Македонки. Првпат две наши каратистки се една до друга на врвот од рејтинг листата од ВКФ.

Во КК Ронин се мошне задоволни од годинава што изминува, вклучувајќи го и петтото место на ката тимот (близначките плус Искра Каракашоска), резултати кои се плод на десетгодишната макотрпна работа. Се надеваат на стипендии – меѓународна категорија од Агенцијата за спорт и млади, како што беа наградени ракометарите и кошаркарите.

УСПЕХ НА БОНСАИ

На Државното првенство за кадети и јуниори во Скопје, успех на КК Бонсаи. Ката тимот Александар Стојаноски – Дамјан Ристески – Кирил Трајкоски е најдобар. Поединечно, трети места освоија Стојаноски и Мартин Петрески, а втора во борби е Даниела Дамјаноска.

Loading