ФИНТИ НА ПАРКЕТ ВО ЧЕСТ НА ОЛИВЕИРА

Мал фудбал: Петти хуманитарен турнир “Св. Никола”

– Парите од влезниците се за семејството на починатиот Бразилец

Денеска (17 ч.) стартува Петтиот хуманитарен турнир во мал фудбал “Св. Никола” на Локалната самоуправа, конфекцијата Комфи ангел и Младинската мултикултурна заедница. Во сениорска конкуренција за наградниот фонд од 600. 000 денари се борат 24 екипи. Во првата група се Витаминка, Кабелнет ветерани, Уником и Канатларци, во втората Преспа, Тотал фудбал, Еврогол и Ветаџока, во третата Елит кафе, Комфи ангел Калипсо, Баба Цана корнер и Црна река, во четвртата Кире Лидо, Мите Транс, Најс текстил и Цуцул комерц, во петтата Кожувчанка, Инфинити, Пролетер Тризла и Кабелнет, во шестата Ресторан Путник Битола, Спорт лајф, Ники комерц Лашко Пиво и Фешнлинк. Понатаму одат прво и второпласираните, како и четирите најдобро третопласирани.

– Лани дојдовме до полуфинале и посакуваме повторување на успехот. Имаме активни и некогашни фудбалери – вели капитенот на Витаминка Тони Димоски, поранешен голман на Тутунски.

Турнирот е уживање за гледачите во затоплената сала и можност за претставување нови финти од играчите на мал простор. Вклучени се фудбалери од општински до прволигашки ранг, од повеќе градови. Тимот на Најс текстил го предводи членот на Преспа Христијан Ѓорѓиоски, Кабелнет е со капитенот на 11 Октомври Игор Мирчески, Кабелнет ветерани со сопственикот Орде Иваноски, а за Мите транс игра Столе Дунимаглоски од 11 Октомври.

– Засилени со Талески, Наумоски, Радески од Металург, Мустафов и Петрески од Победа, се надеваме далеку да стигнеме. Најбитно е учеството, малиот фудбал е забава – истакна Дунимаглоски.

Турнирот кој ќе трае до 25 декември е со хумана димензија, парите собрани од влезниците се помош за семејството на починатиот Рожерио Оливеира. Во сеќавање се неговите дриблинзи и голови на истиот паркет. Иако професионалец, не одбиваше покана за мал фудбал, кој го играше успешно колку и големиот, кога од 1996 до 1999 година беше голгетер на Победа.

ВИКЕНДОВ ВЕТЕРАНИ

Викендов се ревијалните мечеви на ветераните. В сабота се натпреварите по групи, во првата Сараево, Работнички и Победа, во втората Партизан, Вардар и Пелистер. В недела се полуфиналните дуели и финалето. Предвиден е и меч меѓу репрезентациите на Македонија – Србија.

Влезниците во “Сонце” се популарни – 20 денари за групната фаза, 30 за ревијалните и 50 за завршницата.

Loading