ДАЛДИСАНОСТ ПО БУБАМАРА

Можеби нема друг спорт освен фудбалот кој од создавањето се прошири на цела планета и стана “заеднички јазик” на сите нации. Секому познатите општи правила, радоста и тагата при постигнувањето гол, аплаузите и свирежите ги заробило умовите и на многу прилепчани кои далдисале по овој спорт.

“Најважната споредна работа на светот”, во сегашноства го постигна зенитот со профитабилноста, договорите со спортските марки, трансферите вредни по стотици милиони евра… Место за клупска и репрезентативна слава, сé повеќе се игра за пари и лично издигнување да се стигне до попрестижен светски клуб.

Не било секогаш така. Ентузијазмот и љубовта ги победувале границите на немаштијата. Спонтано се собирале другари запалени по “бубамарата” и формирале маалски тимови, кои се натпреварувале меѓусебе, без поени или пропишана лига. Фудбалерите се снаоѓале и во најлоши времиња, па со импровизирана опрема играле само за лично задоволство и задоволство на публиката. Тоа се гледа и од фотографијата, стара повеќе од половина век. Сигурно никој од играчите немал замисла да игра во странство. Најдалеку “нишанеле” со умот кон тогашните југословенски топ четири тима, Партизан, Црвена Ѕвезда, Хајдук и Динамо. А и правилата не дозволувале играч помлад од 28 години да замине во странство. Затоа играле без пари, дриблале, шутирале само за да приберат повеќе публика, за да биде побурен аплаузот што им ги полнел срцата и ги мотивирал за натамошни триумфи.     

Loading