НАЈМНОГУ ПАРИ ЗА УЛИЦИ

Локалната каса в година полесна од годинава 

– Има резерви кај приходите

– Тргнува градбата на училиштето кај Стожниот пазар

Пред финиш е конструкцијата на локалниот буџет за 2014 година. Деновиве ќе им се достави на советниците за разгледување. Драге Ѕвездакоски, човекот кој во локалната самоуправа го проектира буџетот, вели дека градското чекмеже в година ќе тежи околу 410 милиони денари, што е за околу 40 милиони помалку од годинава. Тој вели дека во проектирањето на приходите земени се во предвид сите ризици кои би влијаеле на остварувањето на поодделни приходи, а кои во приходната страна на Буџетот учествуваат со висок процент. Убеден е дека има резерви кај приходите и за првпат во 2014 година очекува да се случи ребаланс на Буџетот со кој ќе се зголемат приходите во Билансот на приходи. Сепак, поради внимателност е  скроен да биде помал.

– Основниот буџет е планиран на 410 милиони денари, Буџетот од   самофинансирачките активности се планира на 78,8 милиони, Буџетот на  донаците 2,6 милиони, Буџетот на блок дотациите 545 милиони (образование, ТППО и градинки…), и Буџетот на кредити 48,5 милиони денари или вкупниот буџет за 2014 година во сите пет составни делови 1,085 милијарда денари – вели Ѕвездакоски.

Песимистичка варијанта

Според него, новиот буџет, основниот, од каде се финансираат годишните комунални програми, има голема резерва кај приходниот дел.

– Оваа варијанта е песимистичка верзија, затоа што одредени приходи не се остваруваа според предвиденото, пред сé, тоа се однесува кај надоместоците од комунална дејност (комуналиите), приходите од концесиски надоместоци и приходите од продажба на градежно земјиште кои во Билансот на приходи на основниот Буџет имаат значително учество. Со измените на законот, инвеститорите треба да ги плаќаат надоместоците за комунално уредување во рок од 10 години. Затоа е неизвесна дарежливоста на овој извор. Не може да се процени колку пари ќе влезат по таа основа во 2014 година. Тоа е резервата, а и остварувањето на приходите од градежното земјиште. За продажба е просторот на старата општинска зграда, за која треба да се договори алтернативно решение за дислокација на службите кои сега функционираат во тие простории (подрачните служби на министерства, инспекторати и службата за имотно – правните односи). Со сигурност не се земени во предвид средствата остварени со продажба на тој атрактивен простор. Затоа приходите од продажба на градежно земјиште се на ниво од годинава – објаснува Ѕвездакоски.

Корекција е извршена кај концесиските надоместоци кои годинава ќе бидат остварени на нивото од 2011 година, и во таа проекција за 2014 година се земени ризиците од потфрлање на овие приходи.

– Се проектираат приходи на ниво од 2011 година, кога реално беа остварувани, а најголем број од останатите приходи остануваат на ниво од ребалансот од годинава – вели првиот општински финансиер. 

Проекцијата на Буџетот за 2013 година беше на 552 милиони денари, а подоцна се редуцира за 100 милиони денари. За 2014 година е 410  милиони денари, што значи дека се оди под проекција на приходите од годинашниот ребаланс.

– Со овие пари ќе финансираме повеќе проекти, планирани во комуналните програми за 2014 година,како што се, одржувањето на јавното осветлување со 22 милиони денари, одржувањето на улици и патишта со зимско одржување со 17 милиони, развојната програма за улици со 90 милиони денари, а ќе се потрошат 11 милиони за рехабилитација на повеќе улици со нови слоеви на асфалт. Покрај втората фаза за влезот од бензинска пумпа до Солидност, за која се наменети 48 милиони, останатите средства, до 90 милиони, се издвоени за градба на нови улици кои подетално ќе бидат внесени по должина и вредност од секторот за урабнизам.

– За првата фаза од градбата на училиштето кај Сточниот Пазар наменети се 14 милиони денари, за изградба на потпорни ѕидови на повеќе локации во градот наменети се 7 милиони, за изградба на кејски ѕидови на Градска река наменети се 8 милиони, за набавка на автобуси за јавен превоз се планирани 6 милиони за подобрување на возниот парк на новото јавно транспортно претпријатие кое секој момент треба да профункционира. И тука се режиските трошоци наменети за нормално функционирање на Општината (трошоците за струја, вода, телефони, горива за моторните возила и се разбира платите и надоместоците за општинската администрација и Советот) – ги пренесува деталите Ѕвездакоски.

Полно кесе со стари даноци

Локалното кесе предвидува одделување пари и за одржување и развој на културата и спортот.

– Точно 15 милиони денари се планираат средства за финансирање на културните манифестации, како дочекот на Нова година, Прочка, театарскиот фестивал “Војдан Чернодрински”, Пивофестот, Фестивалот на народни песни и инструменти “Пеце Атанасоски”, за одбележувањата на 11 Октомври, 3 Ноември, Св. Никола, па две ликовни колонии, фестивалот Прилепфест, Ѕвездички…, и сé што ја збогатува градската културна понуда. Предвидени се 6 милиони денари за споменици од мермер и од бронза за Круме Кепески и за спомен обележјето за Методија Шаторов – Шарло. Вкупно 12 милиони денари се насочуваат за финансирање на спортот преку поддршка на спортските клубови и стипендии за спортисти поединци кои постигнале резултати на официјални државни и меѓународни првенства, а уште 5 милиони за довршување на стадионот со вештачка трева во типската населба – вели создавачот на градскиот буџет.

Локалните власти предвидуваат вложувања од 10 милиони денари во довршување на инфраструктурата во зоната Прилеп 1, а за идната година со иста намена ќе бидат обезбедени средства за тампонирање на улиците во зоната и приклучок за вода. Пари ќе има и за уредување, за водовод, канализација, електрификација за продадените парцели на типската населба Градина.

Локалните даноци нема да растат. Кај приходите нема драстични промени. Се собираат 410 милиони денари, од кои 60 милиони ќе се од комуналии на неизградено градежно земјиште, од улично осветлување 54 милиони денари, фирмарина 21 милион денари, а од даноците за имот 90 милиони денари. Концесиските надоместоци и во идниот Буџет ќе претставуваат значајна приходна ставка во Билансот на приходи на основниот буџет. Тука се и приходите од легализацијата од 20 милиони денари, трансферите од ДДВ од Централниот Буџет од 68 милиони денари. Има уште и 7 милиони денари од персонален данок од плати – објаснува Ѕвездакоски.

Со редукциите на повеќе ставки, се негува оптимизам дека овој буџет ќе се ребалансира со пробивање на приходите од 410 милиони денари.

ПРЕТСТОЈНА ПОНУДА НА ЛОКАЦИИ

– Подготвуваме локација за продажба кај стариот суд за прекршоци. Друга атрактивна локација за колективно домување е на паркингот до Болницата. Привлечна ќе биде локацијата кај старата болница. За бизнис секторот ќе има плацеви во индустриската зона Прилеп 2, за која сметаме дека ќе помине мазно кај потенцијалните инвеститори. Не знам дали ќе стигнеме да ја подготвиме за продажба локацијата околу царинската испостава кај Жито Прилеп и железничката станица. Станува збор за простор од 20 хектари. Треба да направиме измени во ДУП, со цел да ја погодиме намената на земјиштето и да им излеземе во пресрет на потенцијалните инвеститори, односно да кореспондира со интересите на бизнис секторот. Зашто, во близина е железничката станица и новата автобуска станица, а е и на патот кон Македонски Брод и Кичево. Се надеваме да се најде купувач на парцелата во Точила, наменета за образование или градинка. Продолжува понудата на плацеви за куќи во населбата Градина – вели Ѕвездакоски. 

Loading