НАЈДОБРО ЕСЕНВА

Фудбал: Победа успешна во серија

– Последниот триумф е 3-0 над Зајас

Нема дилеми, на тешкиот терен екипата на Победа ја прикажа најдобрата партија есенва низ убедлив триумф од 3-0 (1-0) над Зајас. Одлично функционираше комплетниот состав: Ристевски – В. Митревски, Момироски, Јанкулоски, Котески – Мегленски (87. Петрески), Крстески, Ацески (65. Мустафов) – Јанкоски, Зојчески (80. Андреевски) и Чешелкоски. Епилогот се наѕираше кога резултатот се откри со разорен удар од 25 метри на В. Митревски, а во вториот дел двапати откосо погоди брзиот Јанкоски.

Токму ова е играта која ја посакуваат навивачите. Сигурни во одбраната, течни и пробивни во средниот ред со додавања напред и опасни во шпицот. Наспроти оспорувањата за квалитетот на делови од тимот, претходното издание ја враќа самодовербата. Во оваа лига не се многу подобри и недостижни и најсилните екипи. Местото на Победа е меѓу кандидатите за врвот, но поради случувањата на организациски план пред промените, амбициите се скромни – опстанок.

Како и да е, постигнат е скок на табелата од осмо на петто место со 23 бода, колку што има четвртото Врапчиште. Трето е Миравци со 27, а водечки Тетекс и Силекс по 31. Можност за Победа кон приближување до врвот е последното есенско коло, в сабота кај Дрита во Боговиње. Ривалот има идентичен скор, но три бода помалку поради казна од ФФМ. Се очекува неизвесен меч. На располагање не е искусниот Гешоски, поради здравствен проблем, а на соиграчите е да се изборат за петти успех во низа.

Вториот второлигаш, 11 Октомври, некомплетен добро се држеше 54 минути во Врапчиште, до финишот се бореше за бод, на крајот убедливо загуби со 3-0. На табелата е претпоследен со 10 бода, а шанса за искачување е утрешниот дуел дома со 13-то Новаци.

Г. КОЊАРИ ПРЕД ВАРОШ

Есенскиот дел од Третата лига – Југ заврши со прво место на Г. Коњари, а лидер можеше да биде и Варош. Големокоњарци минимално, 1-0 загубија од Вардар во Неготино, а Варош одигра само 0-0 кај Млекар во М. Коњари. Табела: Г. Коњари 27, Вардар и Варош по 26, Младост У. и Бабуна по 23, Кадино 20.

Loading