БАЗЈЕ А НЕ БУСЕНИ

Ретко може да се случи да гледаме некоја телевизиска емисија, а да не слушнеме јазична грешка. Ретко може да се случи и весник да прочитаме, а да не сретнеме грешки. Зошто е тоа така? Не станува збор за некои ситни грешки кои, ете така, неусетно ќе се провлечат. А не станува збор и за обични или полуписмени луѓе, кои ги прават тие грешки. Напротив! Тоа се школувани луѓе, интелектуалци кои се должни добро да го познаваат јазикот. Чудно е што нема никаква институционална грижа. Се санкционираат вакви или такви грешки на многу институции. Во администрацијата, во образованието, во здравството. Се вршат или ќе се вршат проверки на квалитетот на работата. Само јазикот не е подложен на никаква контрола. Дури и таму каде што тој е основен “алат” во работата. Но, ете, секој зборува како што си сака и никому ништо.

Да не шириме многу. Да кажеме и нешто конкретно. Читавме во весник дека фудбалскиот стадион во Прилеп бил во лоша состојба. Тоа е точно. Не во лоша, туку во очајна состојба е стадионот. Во сите негови делови. Новинарот не известува дека ќе се вршела темелна реконструкција. Меѓу другото, ќе се санирал и самиот терен кој бил нерамен, со дупки, без трева и како таков, опасен за фудбалерите. Санирањето ќе се извршело сигурно, но имало колебање, дали да се посее трева или да се постила со БУСЕНИ. БУСЕНИ?! Каде ли го најде овој збор? Па сите знаат дека БУСЕНИТЕ на македонски се БАЗЈЕ. Се сеќаваме и на времето кога за првпат се постилаше теренот со базје. Меѓу базјето се сееше трева. Сите го употребуваат зборот БАЗЈЕ (во еднина БАЗ). Ја паметиме и ливадата од која се земаа базјето. Толку познат збор. Зошто му текнало на новинарот да го употреби српскиот збор? Дали мислел дека звучи поекспресивно, и дали зборот БАЗЈЕ му звучи попросто, да не речеме попростачки, затоа што е наш! Да се надеваме дека ќе се симне дилемата дали да се сее трева или да се поставуваат “БУСЕНИ”. Да се надеваме дека и новинарот и редакцијата на весникот ќе научат дека БУСЕНИТЕ на македонски се викаат БАЗЈЕ.

На една наша телевизија слушавме некоја емисија на која се зборуваше за Воената академија. Новинарката не вели ВОЕНА, туку ВОЈНА. Прво помисливме дека само нам така ни се слушна. Новинарката не демантира. Повеќепати го употреби зборот ВОЈНА наместо ВОЕНА. Пак сме принудени да го употребиме зборот ЧУДНО! Но навистина е чудно како може новинарка да не ја чувствува разликата меѓу зборовите ВОЈНА и ВОЕНА. Зборот ВОЈНА е именка – жестока ВОЈНА, Првата светска ВОЈНА и којзнае уште колку и уште какви војни. А зборот ВОЕНА е придавка – ВОЕНА обврска, ВОЕНА состојба, ВОЕНА академија. Зар не е срамота новинар да не го знае ова?! Оваа грешка ја прават и мнозина од обичните луѓе, но на новинар не смее тоа да му се случи.

Слушнавме и вакви реченици (пак на телевизија): “Кондура и врз Самарас” и “Иранскиот претседател е последната жртва на гаѓање со КОНДУРА”.

Своевремено во еден наш дневен весник, на насловна страна, прочитавме дека Папандреу бил гаѓан со ЦИПЕЛА. На радио слушнавме дека Папандреу бил гаѓан со ЧЕВЛА. Еве сега читаме и слушаме дека и врз Самарас била фрлена КОНДУРА. Никако да се погоди вистинскиот збор. Никако да се каже дека тоа било ЧЕВЕЛ. Некои од овие случувања имавме можност да ги видиме на малите екрани.

Да повториме уште еднаш. Папандреу бил гаѓан со ЦИПЕЛА (според весникот ), бил гаѓан со ЧЕВЛА ( според радиото ). Самарас бил гаѓан со КОНДУРА.

Е, сега ни останува да чекаме да биде гаѓан уште некој државник. Белки тогаш ќе чуеме дека тоа било ЧЕВЕЛ.

Благоја Ивчески

Loading