ПОРАЗИ ЗА УЧЕЊЕ

Ракомет

Според прогнозите, Жито Прилеп со високи порази се прости од ЕХФ купот, каде во 3. коло беше немоќен во Германија. Првиот меч во Гепинген заврши 38-8, реваншот во Ленинген 31-12.

– Звучи чудно, но тие беа подисплашени, мислеа сме ланската екипа, од која гледале снимки. Почнаа остро во секој дуел со нашиот подмладен состав. Епилогот е 30 разлика. До вториот дуел им укажав на девојките дека нема шега со бундеслигаш. Мораме пожртвувано. Играме за себе, за градот, државата. На реваншот не се штедевме, примивме помалку, дадовме повеќе голови. Не сум задоволен. Да ги имавме Мурговска, Гичева и заздравена Шалевска, ќе беше подобро – вели Пеце Велјаноски, тренерот.

Од поразите се учи. Интернационалките не потценуваат. Играат исто со подобар и послаб тим. Клубот е градски со 90 спонзори, а стратег по чиј коцепт се оди е Кнежевиќ, тренерот со статус на газда.

– Цела Европа сум свртел, ваква публика немам видено. Во жарот на борбата í беше скршен носот на домашна ракометарка и никој не приговори. Само аплаузи слушавме за двете екипи. Затоа Германија е толку напред – истакнува Велјаноски.

Веднаш е свртувањето кон првенството, викендов дома со вицепрвакот Металург, после на гости кај младинскиот Вардар. Заминува Серафимовска, пивоти остануваат Цаневска и Михајлова.

Loading