ТРАГА (ТРАГИ) – ТРАГА (ТРАГААТ)

Разговараме со пријателот на повеќе теми. Меѓу другото и за јазикот, за јазичните грешки. Пријателот, интелектуалец. Висок, би рекле. Со широки познавања од повеќе области. Се грижи и за правилната употреба на македонскиот јазик, но сепак, признава дека понекогаш му се поткраднуваат и понекои грешки. Вели дека е благодарен, ако некој му укаже на грешките. Разговарајќи така на таа тема, дојдовме и до зборот ТРАГА. Дали е тој збор само именка – ТРАГА од дивеч, ТРАГА од удар и слично? Дали постои во македонскиот јазик и дали треба да се употребува зборот ТРАГА и како глагол – полицијата ТРАГА по крадецот, ТРАГАМЕ по вистината и така натаму?

Ние застапуваме мислење дека глаголот ТРАГА (трагаат) има корен во нашиот јазик. Пријателот вели дека секогаш кога ќе го употребел тој збор во неговите напишани текстови лекторот го коригирал и не допуштал да се употребува зборот ТРАГА како глагол. Зборот ТРАГА (глагол) го немало и во Речникот (тритомниот). Тоа е точно. Во Речникот на македонскиот јазик не  е одбележан, односно го има зборот ТРАГА како именка. Само со такво значење ТРАГА – ТРАГИ.

Нешто слично сме пишувале и во некои претходен напис, но тогаш беше тоа во врска со глаголот ИСТРАЖУВА. И тоа го пишувавме поради сомневањето на еден пријател, дали тој глагол е српски или пак го има и во нашиот јазик.

Бидејќи сме слушале и од други луѓе кои мислат дека глаголот ТРАГА (трагаат) е само српски, решивме да се позанимаваме со овој збор.

Рековме дека во Речникот не е одбележан. Во причините за тоа не навлегуваме. Но Речникот, сепак не е Библија, па “да биде проклет оној кој ќе одземе или ќе  додаде нешто“. Точно е ,тој треба да биде темелот но на секој темел е можна и надградба, доградба, дополнување. Јазикот е жива материја, се видоизменува, се развива, но строго според утврдените норми и правила. Ние, Македонците, често земаме, позајмуваме зборови од српскиот јазик и тогаш кога не треба. Можеби таков е патот и на глаголот ТРАГА, и тој се разви и влезе во употреба под влијание на српскиот јазик. Но, не треба да пречи тоа што тој и многу други изведенки, се развиле прво во српскиот јазик. Тие не се “украдени“ оттаму, туку ја имаат основата во именката ТРАГА. Српскиот јазик послужил само како патоказ по кој треба да тргнеме (и сме тргнале) за да дојдеме до зборот што ни е потребен, а него сме го извлекле, сме му нашле основа во нашиот јазик. Тој не влегол во Речникот но потребата го наметнала тоа и затоа веќе во 1979 г. е регистриран во Правописниот речник (Редакциски одбор: Божо Видоески, Тодор Димитроски, Кирил Конески, Крум Тошев, Радмила Угринова – Скаловска). Во најновиот правописен Речник од Кирил Конески (1999) исто така е одбележан  глаголот ТРАГА (трагаат).

Не треба воопшто да се плашиме дека зборот (глагол) ТРАГА  не е наш и не треба да го упортебуваме. (Глаголот ТРАЖИ не се користи во литературниот јазик). Тука се и именките ИСТРАГА и ПОТРАГА. А врз основа на именката ИСТРАГА се добиле и придавките ИСТРАЖЕН (истражни). Истражен судија, истражни органи.

Има во јазикот и други примери кога зборот има значење и на именка и на глагол. Да речеме, зборот БАЊА е именка, но во некои случаи е и глагол. БАЊА – СЕ БАЊА. Мајката го бања детето. Потеклото на зборот БАЊА е италијанско, но тој веќе е зацврстен во нашиот јазик. Ако бараме ќе најдеме и други вакви примери, но сега целта ни беше зборот ТРАГА. Дали е тој само именка или пак и глагол.

Во разјаснувањето на овој проблем во голема мера ни помогна написот на Благоја Корубин во некогашното “Јазично катче”во “Нова Македонија”. Тој објаснува дека глаголот ТРАГА (трагаат), значи бара (бараат). Но, не просто да се бара, туку да се бара на посебен начин со посебна цел да се открие нешто, да се пронајде.

Сметаме дека е пополнета потребата од таков збор – ТРАГА (трагаат). Да го споменеме уште еднаш Благоја Корубин кој вели дека во некои наши дијалекти го има и со значење на глагол.

Значи, напред! Глаголот ТРАГА (трагаат) не е купечки.

Благоја Ивчески

Loading