ПРОЗНО УМЕТНИЧКА ДРУЖБА СО МАРИЈА ЃОРЃИОСКА

Вечерва во ликовниот салон на ЦК “Марко Цепенков”

Прозно уметничко дружење со писателот и уметник Марија Ѓорѓиоска ќе имаат нашите сограѓани вечерва од 19 часот во ликовниот салон на ЦК “Марко Цепенков”. Писателката ќе го промовира романот “Бабините бисерни обетки” и ќе се претстави со 17 слики – масло на платно со картон.

За седмата книга на Ѓорѓиоска ќе зборува Слободан Беличанец, додека извадоци ќе рецитира Мирјанка Р.Селчанец.

– Романот ја покажува опасноста на моралната корозија, што бесмислено ја подјадува човековата егзистенција. Насликан е подемот и падот на припадниците на општествените слоеви низ драмата на семејства и генерации – вели писателката.

Претходно Ѓорѓиоска ги објави “Емилија”, “Гнило гнездо”, “Да си простиме”, “Изминато време” и две стихозбирки “Искри од душата” и “Издишки од срцето”.

– Пишувањето е дарба. Со среќа ги забележувам мислите, кои течат како река. Љубовта отсекогаш ми била непресушен извор за инспирација – додава Марија.

За десетата самостојна изложбата ќе говори Лепа Милошеска. Имала и пет заеднички изложби.

– Природата ме мотивира на творење. Ми лежат пејзажи – потенцира уметницата. 

Loading