АКВАРЕЛОТ МИ Е ВО ДУШАТА

Илија Миноски, уметник

– Брзина во потезот, сигурност и посветеност

Уметникот Илија Миноски ја доби Третоноемвриската награда за животно дело за големиот придонес во уметноста во градот. Малку изненаден што признанието стигна во неговите раце, возбудено вели дека силно се израдувал.

– Ова е свечен миг. Многу важно признание за долгогогдишно творештво. Признанијата се драги, оти се потврда за даденото во изминатиот период. Плус ќе е стимул за поинтензивно творештво. Додека очите ми гледаат и рацете ми мрдаат, не истинувам уметнички, туку ќе создавам акварели што ми ја полнат душата – вели Миноски.

Уметноста му е наследна. Му ја пренесол татко му Кирил, кој бил член на ДЛУМ.

– Татко ми беше добар пријател со Димко Тодороски, Личеноски, Мартиноски. Љубопитно и љубоморно го следев како ја движи четката. Посакав да сликам од дете. Се запишав во уметничкото училиште. Првите насоки ми ги даде Димо Тодороски, кој уште во стартот на татко ми му рече: “Илија ќе биде добар акварелист”. Тоа ме охрабри и ми даде нова сила, нова енергија, ми отвори нови дотогаш неоткриени непочувствувани пориви за мистиката и мистеријата на акварелот. На оваа техника со водени бои сум верен до ден денес и по толку години – додава уметникот.

Првин го привлекувал картонот да ја пренесува реалноста. Ја овековечувал старата прилепска архитектура, творел пејзажи. Последниот творечки период е заробен на акварелот, каде со сето срце трага и истражува, создавајќи модерни акварели.

– Предизвик ми се акварели за градот. Сентиментално сум бескрајно здраво сплеткан со родното огниште. Добивав понуди однадвор, ама не можев да го оставам мојот град, не можев да го изневерам тоа што ме грее, што ми го запалува творечкиот оган. Целиот сликарски опус, илјадници акварели, се со архитектурата и пејзажите од градот. Многу дела се наоѓаат на колонии каде што сум учествувал, дел се во приватни колекции. Има во Бугарија, САД… – потенцира Илија.

За него, акварелот е тешка техника.

–  Потребна е брзина во потегот, сигурност, самоувереност и  непоколебливост. Тоа не е само дарба, туку и посветеност. Нема думање во моментот. Акварелот е миговен. Тоа е тежината, вештината. Мајсторијата е во совладувањето на техниката. Откако се ориентирав на модерен акварел истражувам. Не се согласувам со дел од колегите кои велат се пронајдов себе си. Се борам да бидам различен, да не бидам постојано еден. Затоа новите дела се систематска стилизација – раскажува Миноски.

БИДЕТЕ СВОИ

Работниот век Миноски го мина како наставник по ликовно образование во ОУ “Климент Охридски”. Едуцирал многу млади.

– Да успеат, на сите им ја пренесував “формулата на уметноста”, со зборовите да бидат свои, автентични, уникатни. Да траат на патеката по која тргнале, како што се насочив кон акварелот. Уште подрумот е полн со стотици акварели. Чекаат виделина, убавината да се подели со мераклиите на уметноста – вели  тој.

Loading