ОВЦАТА ИМА НОКТИ

Информативните емисии можеби се најгледаниот дел од телевизиските програми. Редовно слушаме вести, информации, коментари. Да размислиме, каков е патот на текстот додека да допре до нашите уши. Логичната претпоставка е таа дека новинарот ќе го напише текстот, лекторот ќе го прегледа и ќе го лекторира и најпосле ќе стигне до спикерот кој ќе ни го презентира нам на гледачите или слушателите. Значи, текстот поминува низ повеќе раце за да стигне до нас. Затоа, чудно е што некои очевидни грешки сепак ги поминуваат сите филтри и остануваат непоправени. Ќе наведеме само еден пример. Во времето кога го пишуваме овој текст актуелна е ситуацијата во Сирија и намерата на Америка да употреби воена сила. Претпоставките беа такви дека Сирија употребила хемиско оружје. Се одржуваа и американско – руски разговори. Од спикерот на МТВ слушнавме дека се воделе разговори за ХЕМИСКО РАЗОРУЖУВАЊЕ. Пред малку рековме дека новинарот го напишал текстот, лекторот го прегледал, а спикерот го чита и на никого не му паднало в очи несмасноста на овој израз. Какво ли е тоа ХЕМИСКО разоружување? Вака како што е кажано, може да се заклучи дека разоружувањето треба да се изврши на некој хемиски начин, со некои хемиски средства. А суштината не е во тоа. Целта е да се открие евентуалното хемиско оружје и да се уништи. Сирија да биде разоружена од хемиското оружје. Да речеме или да претпоставиме дека некоја држава, еве, нека биде тоа Сирија, имала многу тенкови и се дошло до сознание тие да бидат уништени. Сирија да биде разоружена од тенковите, сигурно никој не би рекол дека тоа кје биде ТЕНКОВСКО разоружување. Вакви нелогичности сме слушале повеќепати. Најчести се оние кога расправата за амандманите се нарекува АМАНДМАНСКА расправа и кога затајувањето на данок се нарекува ДАНОЧНО затајување. Според ова, ако некој убие човек тоа би било ЧОВЕЧКО убивање, а ако некој украде пари ќе биде тоа ПАРИЧНО крадење. Сиве овие конструкции се погрешни, а ги слушаме и ги читаме мошне често.

Ова го пишуваме за да ја потврдиме нелогичноста на исказот во врска со разоружувањето во Сирија. Сирија треба да биде разоружена од хемиското оружје, но тоа во никој случај не е ХЕМИСКО разоружување. Овде не станува збор за карактерот и начинот како треба да биде тоа направено, туку зборот е дека тоа хемиско оружје треба да биде уништено.

Пред некое време гледавме на некоја од нашите телевизии интересна емисија за некои видови животни. Емисијата беше на англиски јазик, но ние читавме превод на македонски. Ни го привлече вниманието делот кога се зборуваше за АЛПАКАТА. Тоа е еден вид лама која живее во некои предели во Јужна Америка. Гледаме слики од ова прекрасно животно и слушаме коментар за неговите особини и карактеристики. Рековме, коментарот е на англиски јазик, но ние читаме превод на македонски. Прочитавме еден апсурден податок. Во преводот се вели дека алпаката имала нокти слични на оние од овцата. Претпоставуваме дека преведувачот не бил овчар. Но, не треба да се биде ни овчар ни ветеринар за да се знае дека овцата нема нокти. Овцата не е ни мачка ни тигар. Таа нема нокти туку има копита. Тоа е општо познато и препознато. Додека го читавме текстот на екранот, сосема убаво се гледаа копитцата на малечката лама (алпака). Но, ете, нашиот преведувач ги поистоветил со нокти.

Редовна појава е градоначалниците да даваат отчет за сработеното и информации за она што ќе биде сработено во иднина. Такво беше и конкретново излагање на еден градоначалник. Градоначалникот на една скопска општина, откако изнакажа што е сработено и што ќе се работи понатаму, ни кажа дека ќе се реконструирала некоја ДЕЧЈА градинка. Господин градоначалник! И децата, малите деца, знаат дека одат во ДЕТСКА градинка а не во ДЕЧЈА. Таму, на север од нас, градинките се ДЕЧЈИ, а кај нас се ДЕТСКИ. Таму и старечките домови се СТАРАЧКИ. Кога ќе реновирате некој таков објект, внимавајте и тогаш да не ги испомешате придавките.

Со нашата голема негрижа за јазикот фрламе сенка и на убавите работи што сме ги постигнале.

Со нашата негрижа за јазикот им даваме шлагворт на оние кои велат дека нашиот јазик е и ваков и таков само не македонски.

Благоја Ивчески

Loading