Се стори сефте. Почнаа проекциите во новото кино Мис Стон со премиерата на филмот “Балканот не мртов”. За аирлија, првите влезници, ги купија министерот за култура Елизабета Канчевска – Милевска и градоначалникот Марјан Ристески, со чии заложби се доби новата кино сала, која е постулат за интензивен културен развој на филмската дејност.
Современото кино со 126 седишта, располага со модерна опрема, обезбедена од Министерството за култура.
– Киното ја збогатува културната понуда, а граѓаните ќе минуваат моменти на уживање во кино културата, гледајќи ги најновите светски филмски остварувања и запознавајќи се со актуелното македонско филмско творештво. Продолжува кино традицијата. Поставувањето на новата кино опрема е дел од проектот за набавка на нови дигитални проектори за Центрите за култура – рече министерката за култура Елизабета Канчевска – Милевска, на отворањето на киното.
Градоначалникот Марјан Ристески смета дека киното е голем чекор за развој на кино културата.
– Се враќа можноста за кино задоволство во градот со длабоки кино корени – рече Ристески.
Директорот на ЦК “Марко Цепенков”, Тони Чатлески, најавува дека ќе има проекции на квалитетни филмски остварувања.
– По “Балканот не е мртов”, за кој граѓаните имаа интерес, ќе има проекција на атрактивен филм. За привлекување на најмладите на големо платно, за викендите ќе се прожектираат цртани филмови – потенцира Чатлески.