КАЧУВАЛКИ – ПЕЊАЛИЦИ

Се плаши соговорникот, работата му била неблагодарна. Задолжен бил да им ја исклучува струјата на оние што не плаќаат. Ама, вели дека и на тие што им се исклучува, опремени се со сите алати. Ќе им ја исклучиме и заминуваме. Уште не сме се оддалечиле многу, тие ги земаат ПЕЊАЛИЦИТЕ се качуваат на бандера и одново се приклучуваат.

Зборот ПЕЊАЛИЦИ одамна, многу одамна не бевме го слушнале. А што се тоа ПЕЊАЛИЦИ? Тоа се оние метални, полукружни предмети со запци од внатрешниот дел. Ги користат поштарите и електричарите кога треба да се качуваат по бандерите. Но, зошто ПЕЊАЛИЦИ? Таа именка е добиена од српскиот глагол ПЕЕЕ (се). Но, ете, на нашиот човек полесно му било да го земе српскиот збор ПЕЊАЛИЦИ, наместо да произведе наш, македонски. Ист е случајот и со трендафилот, со ружата ПЕЊАЧИЦА. Тоа е посебен вид ружа (трендафил) која има карактеристика да се качува, да се извива, да се јази. Сме сретнале кај Блаже Конески каде тој ја нарекува – ЈАЗАЧИЦА. Одлично. Таа навистина се јази. Но, ете, во другиов случај, (кај пењалиците) никој не се потрудил да побара и да го најде соодветно решение. Во српско – македонскиот речник зборот ПЕЊАЛИЦА е предаден со објаснение дека тоа е направа за качување на диреци или на дрва. Точно е тоа, но на луѓето им треба, краток, концизен, прецизен термин. Им треба еден збор со кој ќе биде објаснето тоа дејство, качувањето. Тие предмети служат за качување, зошто тогаш да не бидат КАЧУВАЛКИ? Имаме ние и други, слични именки добиени од глаголи. Музичарите знаат, постојат еден вид музички инструменти со кои се удира и затоа тие се викаат УДИРАЛКИ. Од глаголот ШМУКА е добиена именка – ШМУКАЛКА (правошмукалка). Од глаголот ЗАКАЧУВА имаме именка ЗАКАЧАЛКА. Е, па, ако со тие предмети за кои зборуваме, некој се качува, зошто да не бидат КАЧУВАЛКИ? Примерот е сосема ист како претходните именки кои се добиени од глаголи. Во Речникот (тритомниот) постои глаголот КАЧУВА, но именка КАЧУВАЛКА нема. Можеби причината е во тоа што тие предмети се ретки и ретки се луѓето (професиите) што ги користат. Ама, еве, се налага таква потреба. Лингвистите од Институтот за македонски јазик “Крсте Мисирков” ќе треба да подразмислат за евентуалното вакво решение. Или, можеби размислиле, можеби го нашле и го предложиле, но ние не сме успеале да го сретнеме. Како и да е, ПЕЊАЛИЦИ не е наш збор и не треба да се употребува. Професиите каде што се користи овој предмет се далеку од проблематиката за јазикот и луѓе таму си ги викаат така, дури можеби и не знаат што значи тоа. Треба некој да им указже. Како и за многу други зборови и на други места.

Ќе се обидеме да и укажеме на една телевизија за една јазична грешка. Станува збор за прилепската телевизија. Како и на другите, и тука се поткраднува по некоја гресша. Велиме по некоја, за да не речеме дека има многу, особено на скопските телевизии.

Да се вратиме на грешката. Во вестите, слушнавме дека некои делови од прилепскиот регион биле зафатени од пожар. Презентерката вели дека била зафатена нискостеблеста ШИКАРА! Уфф!… Каде ли само го најде тој збор?! При толку наши зборови го одбрала тој што е туѓ и што не треба да се употребува.

Во српскиот јазик е така, зборот гласи ШИКАРА. А што е тоа? Тоа е нискостеблеста шума. Може да се рече деградирана шума. Тоа се нискостеблести жбунови, нискостеблести грмушки. Значи, може да се рече ГРМУШЕСТА шума, ЖБУНЕСТА шума. Со еден збор, сиве овие шуми што ги наредивме, се викаат ПРНАР. Ако се рече ПРНАР тоа ќе се однесува на секаков вид грмушки, жбунови, закржлавена шума. Србите тоа го викаат ШИКАРА. Но, нашиве луѓе повеќе го знаат туѓиот збор отколку нашиот. А тој наш збор гласи токму така – ПРНАР. Поретко се слуша, поретко се употребува, а е наш и сосема точно одговара на потребата.

Останува место да набележиме уште една нелогичност. Човекот што ни ја соопштува прогнозата за времето ни претскажа дека наредните денови ќе биделе сончеви и топли. Ни препорачува викендот да го искористиме, меѓу другото, и со прошетки во природа. Така ќе сме си ја ЗАЈАКНЕЛЕ физичката кондиција. А каква е таа ЈАКА ФИЗИЧКА КОНДИЦИЈА? Можеме да си ја ПОДОБРИМЕ физичката кондиција, да добиеме повеќе кондиција, но не може да се рече дека ќе бодиеме ЈАКА ФИЗИЧКА КОНДИЦИЈА. Исто како што не може некој да има СЛАБА КОНДИЦИЈА. Едноставно, човекот или има кондиција или нема. Некој повеќе, некој помалку.

Благоја Ивчески

Loading