ФУДБАЛСКА ЗАВИСНОСТ

Ако се сака, сé се може. Тоа важи и за фудбалот. Спорт кој не бара многу, но нуди душевна сатисфакција и го челичи телото и духот. Денес екипите се жалат на нерамен терен, немање трева, пристрасни судии…, зашто професионалните екипи и играчи го вадат лебот од фудбалот.

На фотографијава гледаме еден инспиративен момент, кога две маалски екипи дриблаат, подаваат и шутираат со нестабилното геометриско тело – топката. Само по некој има обувки, а другите играат боси по земјено теренче, погодено да се издуваат и да ја почешаат “крастата”. На момчињава, изгледа “најважната споредна работа на светот” им била најважна работа на светот. Колку и да било оскудица, наоѓале чаре да ги измолат мајките да им сошијат дресови од стари партали. Топката шиена од крпи, наликува на ракометарска. Дали отскокнувала и колку биле болни шутевите и евентуалната игра со глава, знаат само младите запаленици. Како што доликува на времето, едната екипа го имитира ФК “Партизан”, а другиот тим сигурно е ФК “Црвена Ѕвезда”. Место да го чекаат “вечното дерби” на радио, момциве ги зеле работите во свои нозе. Така, кога ќе им текнело си правеле дерби, реванш и така со ред. Имаат и публика, дечиња кои се воодушевуваат на потезите на повозрасните.

Не е сé во парите, туку во идеалот, љубовта кон играта и мал сенс за организираност.        

Loading