КИНЕЗИТЕ ГО БЕНДИСАА ЗЕНИТ

Љубопитство предизвика последното издание на Зенит што се најде во рацете на кинеската политичко економска делегација, која беше гостин на градот. Го препознаа знамето на својата држава и на Македонија. Ги вртеа страниците, откривајќи ги фотографиите на своите пријатели од посетата на прилепската делегација на градот Дејанг летоска. Не го познаваат кириличното писмо, ниту ја знаат латиничната азбука, сепак Кинезите внимателно ги гледаа фотографиите, во обиди да ја отгатнат содржината. Им помогнаа преведувачките на англиски, кои им пренесоа дел од текстовите за афирмација на соработката на двата града.

Градоначалникот Марјан Ристески и претседателот на Советот Никола Димески не би биле аслим домаќини, ако освен официјалните разговори, на Кинезите не им ја доловија вечерната атмосфера. Осумчлената делегација се дружеше со прилепчани во пријатниот амбиент на кафетеријата Арт Кафе. Не забележавме дека гостите потскокнуваат и подигруваат, но очигледно беше дека им годи музичката клима каде се забавуваат нашите млади сограѓани. 

Loading