ШТЕТА!

Ракомет: Нема да гледаме куп на ЕХФ

Жито Прилеп двапати гостин во Германија

Женскиот ракометен суперлигаш, Жито Прилеп, реши да гостува двапати на германскиот Гепинген, во 3. коло од европскиот ЕХФ куп. Без оглед на мотивите за финансиска заштеда, мора да констатираме – штета за љубителите на овој, популарен спорт. Нема да видат суперсилен бундеслигаш.

– Како одлучил клубот, прифаќаме. Наше е да се подготвиме најдобро што можеме – порачува Пеце Велјаноски, тренерот.

Земена е предвид апсолутната фаворитска улога на ривалот, огромната разлика во квалитетот. Противникот има финале во Челенџ купот 2009/2010, а есенва составот од пет нации е на 8. место во домашното првенство. Спротивно на Гепинген, во Ж. Прилеп ситуацијата е песимистичка. Значително ослабен во однос на минатата сезона, без голманката Наумоска, бекот Мркиќ, пивотот Нацева, крилата Стојановиќ и Здравевска, а со повратничките Гичева и Адамческа, нема што да бара со силните Германки. Малерот да е поголем, сериозни повреди ги мачат Шалевска, Гичева и Серафимовска, а кариерата ја заврши Мурговска. И гигантот Металург лелека ако нема еден играч, а камо ли Жито Прилеп.

– Шансите за резултат се минимални. Но, треба да најдеме мотив. Вакви мечеви се порачани за младите ракометарки да добијат искуство – смета Велјаноски.

За Жито Прилеп европските 18. и 19. меч ќе се играат во две различни сали, првиот на 15 ноември во голема од 5600 седишта, реваншот следниот ден во мала од 700. Вторпат гостува двапати, после Португалија 2010, а во градов има одиграно вкупно 10 меча.

СПЕЦИЈАЛНИ ТРЕНИНЗИ

По сензационалниот пораз 30-26 од Кожувчанка во Штип, нужни се специјални тренинзи за голманките и играта во одбрана. Пропадна планот за 12 победи, а нова цел се 11. Нареден меч е по паузата, дома со шампионот Вардар СЦБТ.

В недела има празнична прволигашка програма во “… Ричко”. Во 14.30, жени, Таста 107 – Акумулатори, а во 16.30 ч. машко дерби РК Прилеп – Борец.

Loading