НАГРАДА И КНИГА ВО ЕДЕН МИГ

Атанас Тасевски, новинар

Новинарот Атанас Тасевски, во миг кога ја издаде книгата “Избрани дела” со пренесени раскази, новели, критики и интервјуа со познати личности остварени низ годините, ја доби наградата диплома Трети ноември за неговиот долгогодишен ангажман и придонесот во новинарството. Вели дека наградата ќе му биде драга, бидејќи доаѓа во момент кога со книгата се потврдува новинарското искуство.

– Како креатор на проектот Телевизија Прилеп ја добив деветосептемвриската награда. Благодарение на колегите, награда, доаѓа во вистинско време. Безмерно сум среќен и благодарен за честа што ми е укажана – вели Тасевски.

За него книгата е круна на четиридецениска работа во  новинарството.

– Со творечката зрелост го достигнав врвот. На повеќе од 350 страници објавив текстови, кои ја изразуваат големината на “малите луѓе”, свеста на колективите и поединците, со сите радости, падови и вишнеења. Среќен сум што ја насликав судбината на луѓето од сојот на Чочката, кој силно заплака кога, со приватизацијата му ја одзедоа “функцијата” чистач на чекалницата во Автобуската станица, кога Шефка од Лажани собра храброст и прва во селото го фрли фереџето, кога едно “Македонско турче”, Ејуп Учакк, стана градоначалник на Стамбол. Драго ми е што се објавени интервјуата со првиот претседател на Македонија Киро Глигоров, со Блаже Конески. Горд сум што значајно место има за репортажите објавувани во весникот “Вечер”, “Народен глас”- објаснува новинарот.

Тасевски автор е на книгите “Непокорени”, “Незаборавни сеќавања”, “Говедаровата ќерка”, Сам родител, сам гробар”, “Изборна година”, “Љубовта не старее” и на новелата” Чебренска љубов”.

Loading