ЈА ГО, ЈАА !

Сме среќавале многу јазични грешки, многу нелогичности па понекогаш и апсурдности.

За да дојдеме до она за кое сакаме денеска да пишуваме, ќе мораме малку да се позанимаваме со граматика.

Во македонскиот јазик постојат повеќе зборовни групи. Нема да одиме во широчина. Ќе кажеме дека една од тие групи ја сочинуваат ЧАСТИЦИТЕ или ПАРТИКУЛИ. Многумина мислат дека ЧАСТИЦА (частичка) е српско па го викаат ЧЕСТИЦА (честичка). Не е така. ЧАСТ значи дел, делче, парче. ЧАСТИЦА (партикула) е мало делче, мало парче. Токму затоа и се викаат така, тие се мали зборчиња. Тие такви мали зборчиња служат за посочување, негирање, прашање и така натаму. Во моментов нас ќе не интересираат оние кои служат за посочување, кои имаат показно значенје : ЕВЕ, ЕНЕ, ЕТЕ, НА, ЈА – ЕВЕ ТИ ГО, ЕТЕ ТИ ГО, НА ТИ ГО, ЈА ГО, ЈАЛЕ ГО. Сево ова го набројуваме за да дојдеме до частицата ЈА. Во постаро време се користеше во Прилеп и во околните места. Сега поретко. Во источниот дел на Македонија се користи повеќе. ЈА ГО би значело ЕВЕ ГО или ЕНЕ ГО. ЈА МЕ – ЕВЕ МЕ, ЕВЕ СУМ. Ако е некој или нешто доста подалеку се вели ЈА ГО, ЈААА дури со едно провлечено ЈААА.

За ова толку. Сега да кажеме дека частичката ЈА (ја го) во Прилеп и прилепско се употребуваше при вршидбата. Бидејќи сега се жнее и се врши со комбајни, треба да објасниме нешто за некогашното вршенје, засшо младиве луѓе не знаат за тоа ништо. Се врши на гумно. Гумното е рамна и тврда површина. Во средината е набиен голем колец – СТОЖЕР. Околу него се реди ожнеаното жито. Тоа се вика ВРАВ. Коњите се врзани за стожерот и трчаат во круг. Така, со копитата го ронат житното семе од класјето, а со натамошна обработка житото се собира во вреќи. Кога вршат коњите задолжително има човек кој ги тера побрзо да трчаат. Човекот држи камшик, мавта со него и вика: ЈА ГО, ЈА ГО, ЈА ГО. Тоа би значело дека ако не трчаат брзо, ЈА ГО камшикот (ЕВЕ ГО камшикот).

Дојдовме до целта. Во прилепскиот театар беше играна претстава во која авторот го употребува овој израз. Тој разбрал или можеби слушнал дека на коњите кога вршат така им се вика. Тој го слушнал тоа, но не го видел како се пишува. Не разбрал дека тоа се два збора. Тој го напишал ЈАГО, како еден збор. Актерот што го изговара овој збор се наоѓа во една претпоставена, тешка ситуација и репликата што ја говори гласи: “Оф ЈАГО, ЈАГО, ЈАГО, трње вршам бос во вравот”. Се употребува тоа со трњето, кога човек извршува некоја тешка работа, се вели како да врши трње. Тоа си е во ред. Но што би значела во конкретнава ситуација тоа – ЈАГО – ЈАГО? Човекот што врши, не може самиот да си се заканува со камшикот и да си вика ЈА ГО. Освен тоа како што рековме овде е употребено тоа како да е еден збор – ЈАГО. Го прашавме авторот што значи тој збор. Тој вели дека не знае, ама дека така се употребувал. Го прашавме и актерот што би требало да значи зборот ЈАГО и тој вели дека не знае, ама така е напишано во текстот. Го прашавме и режисерот. Тој вели: “Поим немам”. И така, претставата се игра, публиката ја гледа, а и таа нема да дознае што значи зборот ЈАГО. Нема да дознае, зашто и ништо не значи, така како што е напишан и изговорен.

Ќе приведеме уште еден пример. Сé уште млад драмски автор, талентиран, но прави доста јазични грешки. Сме спореле, дури и сме се препирале за некои зборови. И покрај се тој практикуваше да ни ги дава своите текстови за евентуална корекција на некои грешки. Така беше и со последниот, тогаш, напишан текст. Го читавме, наоѓавме некои грешки и ги забележувавме. Но, сретнавме една ваква реченица: “Го слушаш ли морето МНАМОНО”? Не знаевме што е тоа МНАМОНО. Откако го разгледа текстот авторот ги прифати, речиси, сите корекции. Праша, онака провокативно, зошто сме го оставиле зборот МНАМОНО. Одговоривме дека не ни е познат, дека не знаеме што значи или пак дека е печатна грешка. Авторот вели дека тој збор не значи ништо. Чудно! Како може да не значи ништо?! Зошто тогаш се употребува, ако е така? Авторот вели дека го употребил, затоа што многу убало звучел. Сепак, не можеме да разбереме. Не значи ништо, ама убаво звучи. Авторот си го задржува своето мислење. Дури и ја интерпретира соодветната реченица. Вели: “Го слушаш ли морето МНАМОНО”? Зар не звучи прекрасно, чудесно? Не можевме да ја прифатиме таа логика. Како може нешто да звучи прекрасно, а не значи ништо?

Но, ете, се случуваат и такви работи. За да се постигне некој божемен ефект, се употребуваат зборови за кои никој не знае што значат или пак се измислуваат зборови кои ништо не значат.

За изразот ЈА ГО нашето разбирање и нашето толкување го објаснивме погоре. Убаво би било ако има некој поинакво толкување за овој израз. Нека се јави!

Благоја Ивчески

Loading