ГРАЃАНИТЕ ПЛАЌААТ ЗА БЕСПРЕКОРНА И КУЛТУРНА УСЛУГА

Златко Ристески – директор на ЈКП Комуналец 

– Со сите инвестиции, сум горд, покрај обвинувањата и  понижувања што ги трпам, зашто сум човек од оперативата, кој признава само работа

Златко Ристески осум години е директор на ЈКП Комуналец. За неговиот мандат се изведоа крупни промени во модернизирање на претпријатието, промени во изгледот и убавините на градот, многу инвестиции од општо добро за сите граѓани, но и вложување за претпријатието и вработените. Покрај сите реализирани проекти во ваквите фирми со голем број вработени и со измешани дејности, Ристески успева да ги совладува сите проблеми и да му пркоси на времето.

Што работевте осум години, директор и човек од оперативата?

Градевме град, правевме град, макотрпно создававме убавини. Работевме, и кога не требаше да се работи. Работевме и само работевме.

Дали  бевте и сте сфатени од вработените што сакавте и што сакате да постигнете?

Зависи од кого и во која смисла. За некого бев највредниот и сакаа да ми парираат. За некои бев оној кој премногу инвестира во време за рецесија, за некого сум добродетел затоа што сум нашол сила и сум отворил работно место да се вработи. Но, за некои сум и лошиот што е нормално за јавна личност да се коментира. Кој како сака може да анализира. Од  фирма со 160 вработени денес сме гордост за градот со 400 вработени без некој да нé финансира или да наплаќаме енормни сметки од фирмите и граѓаните. Вработував, не зашто требаше да згрижам партиски војници, како што ги нарекуваат некои вработените, вработував затоа што градот има потреба од беспрекорна и културна услуга. Паралелно, инвестиравме во капитални проекти и основни средства. Начекав фирма со неколку возила во распаѓање, една Шкода, црвена, препознатлива во градов и три – четири бироа на кои немаше ниту хартија за службите, а камо ли компјутери. А СДСМ обвинува за недомаќинско работење. Дали е домаќин оној кој куќи, или биле домаќини што една шајка не заковале. За градот и да не зборуваме. Мојот домаќинлак е насекаде низ градов. Нека излезат и нека покажат со рака еден проект од нивно време. Кога дојдов за директор начекав борч од 60 милиони денари. Го има и сега толку. Не е тајна. Ама го има со преголема работа и инвестиции и, на крајот на краиштата, тоа не е долг како што велат. Тоа се инвестиции за капитални објекти и основни средства, а кој долг го сервисираме според договореното.

И од каде тргнавте, што беше приоритет?

Приоритет беше отпадот. Приоритет беа возила, приоритет беше оформувањето на правилни реони за подигање на смет, вклучително и улички каде со години не влегувал никој да собира смет. Приоритет беше премерот на домаќинствата и оформување на АОП службата. Приоритет беше единицата паркови и зеленило, а подоцна и метачи. Градов го метеле со 16 метачи. Каде да стигнат побрзо. Затоа, овие единици беа формирани, групирани и им беа купени основните средства. Приоритет беа долговите, приоритет беа три неисплатени плати, приоритет беше дисциплината… Приоритети и приоритети, еден тон. А пари од никаде. Со тек на времето заедно со вработените почнавме да ги решаваме сите проблеми, да направиме точен премер да ги впишеме фирмите кои  избегнувале да плаќаат за собирање отпад. Од тука тргнавме и, искрено, не знаев до каде ќе стигнеме. Успехот се покажа за брзо време. Имавме и имаме вработени кои се за респект и пофалба. Ги има и сега кога во ова претпријатие немаме тешкотии од надворешни влијанија, туку влијанијата се внатрешни.

Ќе појасните што точно се случува и од што се незадоволни вработените?  

Би го формулирал прашањето колку се назадоволни оние кои никаде не се вработени?! Се случија недоразбирања од одредени вработени или незадоволства или јас ја нарекувам социо-психолошка состојба. Прво, се работеше за бодот. Го намаливме за време на градбата на царинскиот терминал, кој чини преку 22 милиони денари. Законските рокови притискаа, а немавме пари за градба. Управниот одбор реши бодот од 21 да се намали на 18 денари. Донесовме одлука, а службите заборавиле да го стават на хартија како правен документ. У ште не ги знам причините. Со вработените се договоривме после инвестициите да го вратиме бодот на 21 денар. Но, поучени од некого дека службите не донесле писмена одлука од управниот одбор, почнаа да тужат, иако во меѓувреме, како раководство, во договор со Синдикатот, донесовме одлука да се исплаќа разлика за секој месец поединечно за секој вработен. Досега се платени 14,5 милиони денари по однос на разлика на плата. Остануваат уште 9 милиони денари за сите вработени. И со ова, можевме да се носиме. Но, проблемот се јави кога поучени од едикојси, се појавија тужби за исплата на додатоци на плата. Поточно, за К-15 и новогодишна награда. Ова дојде како гром од ведро небо. Замислете, во денешно време, која фирма може да плати наеднаш 50 милиони денари ретроактивно за три години. Или попластично, прашање е дали некогаш некој на новинарите, ви исплатил вакви додатоци на плата. Верувам дека веќе завршуваат тужбите од оние кои решиле да тужат. Тужеа оние кои мислеа дека преку ноќ, со судска пресуда, можат да имаат в џеб 2500 евра. Судот цени дека во Колективниот договор стоело дека фирмата треба да исплаќа додатоци на плата. Ако не е смешно, ќе е жално, но повеќе  е жално. За тужбите, да ми простат вработените, ама се однесуваат како пијани милионери. Треба Комуналец да исплати 15,1 милиони денари или од овие досега сме исплатиле годинава 9 милиони денари. Згрозен сум, но ова е  вистината со одредени вработени, кои не само што играат со својата судбина, туку и со судбината на чесните вработени. Не ги делам партиски, овие или оние. Има вработени од СДСМ, кои не поднесле тужби. Тужат и оние, на кои вчера сум им потпишал решение. Партијата, од гревот згора, му дала место во Комуналец. Точно е дека поттик им даде СДСМ со два-тројца, на кои влакно не им фалеше. Но, Комуналец е фирма со најпаметни вработени и со “ќораво и мораво”. Сум бил лош? Аман, ајде, еве оди конкурс за директор. Нека седне кој сака и нека биде добар и да води 400 вработени и да исполни 400 желби.

Гледате излез од наметнатата внатрешна ситуација?

Гледам и ќе гледам. Но, сум на реизбор. Дали ќе бидам директор, не знам. Го дадов максумумот за граѓаните, за партијата, за вработените. Веќе ми се смачи со внатрешните случувања да земеме пари на несработено. За да помисли некој да зема толку големи пари од Комуналец, треба да помисли малку и на граѓаните кои немаат можеби за млеко на детето, а плаќаат за Комуналец. Еве хипотетички, што ако се случи да тужат и останатите 270 вработени. Од каде ќе се најдат овие пари? Ќе им ги врземе на грбот на граѓаните, на фирмите, на кого? Срамота е ова што се случува. Затоа велам дека одредени вработени се однесуваат како “пијани богаташи”. Лош е зборот што го велам, но, верувајте, уште полошо се чувствуваат вработените кои чекаат лепче од Комуналец. Замислете приоритет се овие 89 вработени, кои решиле да земаат К-15 и новогодишна награда. Уште еднаш ќе кажам, срамота. Излезот е само работа и работа. Сé друго е јамка околу вратот, која си ја ставаат одредени вработени. За жал, му ја ставаат и на чесните вработени. Ќе успееме заедно со вработените кои ја гледааат иднината и перспективата во Комуналец. Ме обвинија дека сум им давал по 1000 денари плата. Да дојдат да ги отвориме платите пред новинарите и душегрижниците од СДСМ. Најниската плата со основно образование е 10.500 ден и уште 3000 денари разлика. Еден вработен зема 14500 денари за месец. Кого го лажат и кого замајуваат. И кажете ми една фирма што исплаќа вакви плати со “трето ноќно”.

Што понатаму?

Ќе плаќаме и можеме да се носимеа. Не знам кај видоа некои дека ќе пропаднел Комуналец. Комуналец може само да стагнира во инвестициите некое време. Да пропадне е далеку од умот. Сега сме во рацете на судот, каде судиите никогаш не зеле К-15 ниту новогодишна награда. Апсурд, ама се случува. Во Законот не стои исплата на К- 15 и новогодишна награда. Но, во гранковиот колективен стои, иако Законот наложил да се усогласат гранковите со законските регулативи, тоа не е сторено. Судот се повикува на републичкиот гранков колективен и суди, иако нашиот колективен договор е истечен и не е во сила. Виделе дека во Комуналец има пари. Па судот суди без да земе во предвид дека Комуналец има пари за тековни трошоци и за плати, а не, како што јас ги викам, за свински полутки. Но, полутки, неполутки, си плаќаме. Апсурд се случува.

Дали сето ова ќе предизвика застој во инвестициите?

Апсолутно! Ја доработуваме Капелата вредна 19 милиони денари и требаше да ја отвориме за 3 ноември. Ќе ја задоцниме за еден месец.  И што направивме? Ја одложивме за ситни пари. Ја плаќаме линијата за отпад  околу 12 милиони денари само од првата фаза. Сакаме да почнеме со изградба на халата за селекција на отпад која ќе значи многу за градов. Сега секаде сопираме. Наместо развој и зголемување на платите, ние стагнираме. Но,  само во развојот, сé друго сервисираме според договореното.

Како се чувствувате во вакви околности?

Гордо! Инвестирав во нов возен парк, возила за теренците, а до некни се возеа со точаци. Инвестирав 17 милиони во бунари. Градов е поплавен од вода за наводнување на секој чекор. Инвестирав во Терминал 22 милиони денари. Инвестиравме во паркови. Имаме 56 маалски паркови. Инвестиравме заедно со општината во улицата “Петта прилепска…”, на Могилата, во Точила, во сите поголеми населби. Го спроведовме проектот  “човек – улица”, што сите го сметаат за едноставен, а троши многу. Инвестиравме во селекцијата по јавно прометните површини и станбените блокови со три контејнери. Поставивме над 900 контејнери со инвестиција од 14 милиони денари. Настрана, одржувањето и сервисирањето секоја година. Вложивме во корпи за отпадоци за домаќинствата, половина милион евра. Големи се капиталните инвестиции. Горд сум, настрана, од сите обвинувања и понижувања што ги трпам. Човек сум од оперативата и признавам само работа.

Има за нешто за што жалите?

Жалам за Центарот за селекција на отпад, за кој мора да најдеме сили. Мораме да се развиваме, зашто тука се дополнителни пари, кои ќе се благодет, пред сé, за вработените и за градот, но и за нови вработувања. Тоа е иднината на Комуналец, со мене или без. Тоа е развојот и перспективата на комуналното претпријатие и на градот.

Loading