КАМИОН, МЕСТО АВТОБУС

На фотографијава е фрагмент од сообраќајната историја. Стар камион, со отворена приколка, приспособен колку што се можело со клупи, наместо седишта, служел како превозно средство за меѓуградски патнички транспорт. Овековечен е моментот кога машината, а и патниците правеле одмор, на патот Велес – Прилеп. Клупите наредени во шест – седум реда, се преполни со народ кој кинисал некаде. Работата сигурно била неодложна и битна, зашто траскањето со предвоеното Фијатче, без дилеми, “вадело камен од бубрег”, по стариот прашлив друм меѓу двата града. Колкава била брзината, како се фаќале кривините, колку време се патувало, знаат само “мачениците” – патниците и шоферот. Судејќи по фотографијата, на камиончето не може да се постави цирада, па веројатно превозот во врнежливите периоди бил на “принуден одмор”.

Само за половина век, маѓуградскиот превоз направи “светлосен чекор” напред. Модерни автобуси, со комфорни седишта, клима уред и вграден музички систем, го прават релаксација денешното патување. Покрај сите маани, било забавен и авантуристички превозот со камио-автобусот.   

Loading