ШАМАРЧИНА – ТОА ЗВУЧИ ПРЕКРАСНО

Европско првенство во кошарка. Учесник и нашата репрезентација. Многу телевизии, многу спортски коментатори. Многу грешки. Еден коментатор, зборувајќи за натпреварите на нашата репрезентација, оценува кој е фаворит, кој би победил, а кој би загубил. На крајот заклучува дека секаков резултат е можен, бидејќи топката била ОКРУГЛА. Добро е што името на тој ТРКАЛЕЗЕН предмет (топката) е од женски род, па тој употребува придавка – ОКРУГЛА (наместо тркалезна). Како ли ќе речеше за некој предмет од машки род? Сигурно ОКРУГОЛ, бидејќи не знае дека нашиот збор е ТРКАЛЕЗЕН. Една спортска коментаторка има голема желба, не само да не известува, туку и да дава свое мислење за спортските настани. А според онаа старата – “Кој работи, тој греши” и таа колку повеќе зборува, толку повеќе прави грешки. Еве и за кошаркарската репрезентација. Откако го изнакажа мислењето за квалитетите на нашите противници, квалитетите на нашата репрезентација, можностите за повторување на успехот од претходното Европско првенство, заклучи дека нашите ќе играат, ќе се борат па – “НЕКА БИДЕ, ШТО БИДЕ”. Србите велат – “Нека буде, шта буде”, е па и зошто и ние да не велиме така. Се разбира, ние таа фраза ќе си ја кажме на македонски – “НЕКА БИДЕ ШТО БИДЕ”. Читателите ќе се сетат дека треба да се рече – “НЕКА БИДЕ ШТО ЌЕ БИДЕ”.

Еве го сега она што досега не сме го чуле од официјални места. Спортскиот коментатор од Јавниот сервис се “погрижи” за тоа. Играше нашата репрезентација со репрезентацијата на Србија. Играше и победи. Нормално, сите бевме радосни. Нашиот коментатор исто така. Радосен, прерадосен, дури надвор од контрола. Ни се јавува од Словенија. Возбуден, растреперен, зазбивтан. Зборува за големата победа, дека нашите кошаркари ги докажале вредностите, ги демантирале сомнежите за своите квалитети. Новинарот вели дека Македонија им удрила ШАМАРЧИНА на сите што не верувале во нејзините можности. Ете така, Македонија удрила ШАМАРЧИНА.

Овде ќе треба да објасниме нешто, барем за читателите прилепчани. Во прилепскиот говор буквата Њ во таквите именки не се употребува. Во Прилеп се вели ДЕЧИНА, наместо ДЕЧИЊА, ВРАПЧИНА – ВРАПЧИЊА, МАГАРИНА – МАГАРИЊА итн. Ова го пишуваме да не си помислат прилепските читатели дека ШАМАРЧИНА се всушност ШАМАРЧИЊА (шлаканичиња). Не, никако! Нашиов коментатор не мисли на такви ситници. ШАМАРЧИНА значи голем ШАМАР, ШАМАРИШТЕ. Ако рече ШАМАРИШТЕ, ќе му прилега на нашето ШЛАКАНИЧИШТЕ. Токму тој е нашиот збор – ШЛАКАНИЦА, а не ШАМАР. Коментаторот не сака успехот да го искажува со такви приземни зборови како што е нашата ШЛАКАНИЦА. ШАМАР, тоа е веќе нешто друго. А ШАМАРЧИНА, тоа звучи навистина прекрасно. Така мисли коментаторот од ЈАВНИОТ СЕРВИС. Кога би знаел дека потеклото на зборот ШАМАР е турско, можеби нема да го користи во својот речник. А токму така е. Турско му е потеклото на тој збор. И во нашит јазик и во српскиот има многу турцизми кои станале норма. Во македонскиот јазик, и покрај многуте турцизми, зборот ШАМАР не фатил длабок корен. Кај нас тоа е ШЛАКАНИЦА. Во бугарскиот јазик е ПЛЕСНИЦА, а ете во српскиот ШАМАРОТ станал норма. Во скопскиот говор се користат, неконтролирано, многу србизми. Така навлегла и именката ШАМАР. Во литературниот јазик таа нема и не смее да има место. Но, од нашите телевизии и од нашите новинари го слушаме тој збор мошне често. Не само именката, туку сите други деривати – ШАМАРАМ, ШМАРЕЊЕ, ШАМАРЕН и така натаму.

Во случајов, спортскиот новинар го употреби и зголеменото значење на именката ШАМАР. Малку е тоа. Тој вели – ШАМАРЧИНА (ШЛАКАНИЧИШТЕ ).

Ех, колку шлаканичишта, па дури и тупаничишта заслужуваме за ваквиот однос спрема ваквиот јазик!

Благоја Ивчески

Loading