МАЛА ГРАФА ЗА ГОЛОВИТЕ НА ШАЛЕВСКА

Ракомет

Репрезентативниот бек Тања Шалевска, со 16 гола најмногу придонесе за победата на Жито Прилеп со 29-25 (12-12) над ЖРК Вардар, во 4. коло од ракометната Супер лига за жени. Проблем им зададе на службените лица, кои во записникот бараа место да ги внесат сите голови, со оглед на графата која предвидела најмногу 14.

– Знаеше кога да бие или проигра. Вистински капитен – вели Пеце Велјаноски, тренер на Жито Прилеп.

Голгетерката беше незадржлива од девет метри над блокот, при контри, трипати погоди од седмерци, имаше одземени топки и асистенции. Јунак на мечот во салата “Сонце” пред само 300 гледачи. Мечот заслужуваше петпати повеќе, бидејќи по подолго време се сретнаа рамноправни противници, домашниот предводен од искусните Шалевска, Гичева, младата Аџулеска, а гостинскиот со Русинките Виноградова и Љубљанија.

– Неопходни се повеќе вакви мечеви, каде победникот го одлучуваат нијанси, како што во овој случај е Шалевска – смета Велјаноски, кој со Жито Прилеп в среда гостува на Металург во Скопје.

Во првата машка лига РК Прилеп по победата 20-19 над Работнички, викендов е домаќин на скопска Риниа. Во женската, Таста 107 по триумфот над Универс во Гостивар, дома игра со велешки Борец.

НЕ ИМ ТРЕБА АВТОБУС

Чуден распоред за РК Прилеп, првите четири кола, сите дома, со Битола, Јехона, Работнички и Риниа. Во петтото пак не гостува оти е слободен, шестото е дома со Борец.

Автобус не им треба се до седмото коло кога патува во Богданци кај Младост.

Loading